Последниве недели во два сегмента од (не)функционирањето на врската помеѓу централната и локалната власт се виде дека  процесот на вистинска децентрализација тешко ќе оди. Нашата општина и нејзиното раководство во два наврати беа „притиснати“ од владата на Македонија. Околу ингеренциите и правата на сопственост врз СРЦ „Билјанини Извори“ т.е. спортската сала (која во средината на минатата година беше дадена на градот), а скоро во исто време дојде ненадејната одлука за „одземање“ на плажите – исто така до сега во „владеење“ на општината. За „одбрана“ на салата градоначалникот Петрески спрема жив штит. Околу случајот со плажите реакцијата е помека. Веројатно затоа што по инстинкт ништо не вложуваше во нивно одржување изминатиов период – можеби некој му „дошепна“ дека државата ќе ги бара назад.

“Воопшто не патиме дали ние ќе ги даваме плажите или владата, нас ни е битно плажите да се даваат под концесија и конечно да се уредат , а  не ни е битно кој ќе ги издава или кој ќе ги земе“ – изјави Петрески кон средината на минатиот месец.

Многу побурна реакција на одлуката на владата за „одземање“ на плажите имаше кај соседите – во Струга. Таму нивниот Совет вчера донесе Декларација за „недавање“ на плажите. Градоначалникот Мерко најави протести и блокади.

„Ние сме вложиле 2 милиони евра и ако сега ни се одземат плажите и се дадат под концесија на приватници, парите ќе одат во буџетот на републиката и повторно ќе нема никакви вложувања во Струга. Ако така мисли власта нека ни ги вратат средствата кои сме ги вложиле за уредување на плажите“, вели резигнирано Мерко.

Во секој случај „играта“ е на високо ниво и со проверени играчи. Останува да се види кој ќе „победи“. Во кулоарите може да се слушне дека власта (ВМРО – ДПМНЕ) ги притиска општините затоа што имаат опозициски градоначалници, Охрид од СДСМ, Струга од ДУИ. Низ неформален разговор тоа и беше (условно) потврдено од двата градоначалници. До летото има неколку месеци. Ако не се најде начин за разврска на проблемите – ќе страда туризмот.

Спаско Костоски