Во врска со вчерашните обвинувања на синдикатот на ЕМО дека владата ја запрела постапката за продажба на компанијата за да најде купувач по своја мерка, министерот Славевски денеска во Охрид изјави дека “владата нема никаков интерес да се меша во стопанството, но е заинтересирана и за својот капитал, но и за иднината на ЕМО“.

Владата настојува да обезбеди сигурно функционирање на ЕМО како и обезбедување на нови вработувања во некогачниот гигант, така што сите обвинувања за некаква политичка позадина се без основа, вели Славевски кој во рамките на посетата на Охрид денеска го посети ЕМО.

Македонската берза пред два дена времено го запре тргувањето со акциите на ЕМО, по одлуката на Владата да ја стопира продажбата на компанијата, што требаше да се случи денеска. Наместо на јавно наддавање Владата одлучи ЕМО да го продава на тендер, за да го елиминира како што беше соопштено, ризикот од продажба на сомнителни фирми.

Според директорот на Македонска берза, Иван Штериев, времениот прекин со тргувањето со акциите на ЕМО, е мерка која вообичаено се применува кога се објавува ценовно чувствителна информација, каква што беше најавата на владата дека се стопира најавената берзанска аукција.

Берзата го стопира тргувањето со акциите на ЕМО за да се информираат инвеститорите, рече Штериев според кого одговорот дали владината одлука за повлекување на продажбата ќе влијае врз цената на акциите на ЕМО ќе се знаее во понеделник кога ќе продолжи тргувањето со акциите на оваа компанија на берзата.

Г. Момироски