Во стариот дел на Охрид, непосредно до куќата на семејството Шанданови се наоѓа црквата Св. 40 Маченици, која беше откриена на крајот од осумдесетите години од минатиот век. За оваа црква, која според научните сознанија има исклучително историско значење,  многу се зборувало во минатото, но никој не знаел каде е и дали навистина постои.


Најстари податоци за оваа црква посветена на 40-те Маченици од Севатстија наоѓаме кај Козма Китијски, настојник на Охридската архиепископија кому турската власт во 1694 година му наложила да направи попис на христијанското население. Тој го рангира христијанското население во седум маала, а интересно е тоа што во третото маало ја споменува и црквата Св. 40 Маченици, но сепак не се знаеше каде е таа црква, објаснува историчарот на уметност, познатиот истражувач и публицист Гоце Ангеличин Жура.


Во охридското семејството Шанданови (Шандан – свеќник) кое ги опслужувало цркцвите,  од поколение на поколение се пренесувало предание дека во близина на нивниот семеен дом се наоѓа црквата Св. 40 Маченици. Преданието станува вистина во 1989 година, кога при изградба на индивидуална куќа се откриени фрески од црквата 40 Маченици.

-Тогаш се извршија први сондажни истражувањa, по што следеа неколку фази во кои беше ископан овој споменик на култура, кој е од исклучително значење, бидејќи е единствен храм посветен на 40-Маченици во Македонија, додека најстарата претстава во византиската уметност воопшто е во црквата Св. Софија каде е насликано нивното мачеништво, објаснува Жура.


Според преданието 40-те Маченици биле ставени во замрзнато езеро, но тие преживеале, по што биле мачени, им биле искршени нозете, биле запалени и фрлени во реката во градот Севатсија. Но на третата ноќ тие му се јавуваат на епископот Петар кој доаѓа со свештенството во текот на ноќта ги зема телата на мачениците кои светеле и христијански ги погребува.

Култот кон 40-те Маченици е особено раширен во Охрид, а црквата посветена на нив разрешува уште една историска дилема, бидејќи таа е алка помеѓу  11 и 13 век, вели Жура.

– Според монетите што ги најдовме тука таа потекнува од крајот на 12 век, или можеби почеток на 13 век, што значи дека градежната активност во Охрид континуирано трае од праисторијата до укинување на Охридската архиепископија 1767 година. Раритет  е и тоа што Исус  Христос  тука е насликан на фреска како возрасен човек, додека од 14 век наваму тој се претставува како бебе. Најстара аналогија наоѓаме во црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново од 1191 година, а ова е втора претстава по старост во Македонија и треба навистина да се гордееме со оваа мала, но извонредна по значење црква, истакна Жура.


По повод празникот Младенци – Свети 40 Маченици, во истоимената црква во стариот дел на Охрид, историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура постави изложба на која се поместени етапно фазите на откривањето на храмот и интересни информации поврзани со црквата и историјата на градот.

Идејата се роди уште минатата година, а благодарение на Заводот и Музеј и колегите од установата ја реализираме оваа година. На паноата на македонски и англиски јазик се претставени сите истражувања од почетокот на работите до промоцијата на книгата посветена на оваа црква. Оваа изложба има едукативно значење, а сега и туристичките водичи ќе може да ги носат туристите тука и да раскажуваат дека Охрид навистина е вториот Ерусалим, рече Жура.


На просторот од Св. Софија до седиштето на охридскиот Завод и Музеј, каде што се наоѓа црквата Св. 40 Мачедници, има вкупно 11 храмови, посочува Жура, што само по себе говори за исклучителното духовно богатство со кое располага светиот град Охрид.

Горан Момироски