Меѓународниот саем за туризам во Охрид донесе 30 -тина учесници кои ги претставуваат туристичките потенцијали на местата од каде што доаѓаат. Дел од штандовите се закупени од страна на охриѓани. Се забележува присуството на општинскиот штанд, а своите потенцијали ги презентираат и Националниот парк „Галичица“, фестивалот „Охридско лето“, Заводот за кардиоваскуларни забоувања,  туристичката агенција „Вис пој“, охридскиот аеродром, „Градинар“,  и Црвениот крст од Охрид.

„Го промовираме еко-туризмот или алтернативните форми на туризам како што се параглајдерството и планинарството, кои земаат се поголем замаф“, вели директорот на НП „Галичица “, Зоран Ангелоски.

Женскиот центар „Бисера“ заедно со неколку ограноци на сојузот на организации на жени на Македонија на саемот има изложено рачни изработки. Ристана Божиноска и Вера Тренеска велат дека се обидуваат на секој начин да ја продолжат традицијата и да го претстават она што можат да го направат вештите раце на жената.

Вевчанци денеска беа во духот на карневалот. На нивниот штанд донесоа и сопствена музика.

„Сакаме да го збогатиме туристичкиот регион и дел од туристичкиот колач да заврши во Вевчани, зашто имаме и што да понудиме“, изјави градоначалникот на Вевчани, Васил Радиноски.

Незадоволни од тоа, колку Македонците го посетиле црногорското приморје во последниве години и четири туристички организации од Тиват, Будва, Котор и Бар од вчера се во Охрид. „ Се надеваме дека нашите драги гости од Македонија годинава ќе не посетат, зашто имаме нови туристички понуди и содржини.

Минатата година имаше гости од Македонија, но не можеме да кажеме дека сме задоволни од посетата, па затоа сме повторно овде.Немаме авионска линија и директни автобуси и мислам дека тоа е  една од причините што бројот на туристи од Македонија е помал“, објаснува директорката на туристичката организација на Тиват, Дубравка Никчевиќ.

Денеска треба да се прогласат и најдобрите кулинари кои учествуваа на гастро-натпреварот што се одржа во рамките на саемот.

На вториот саемски ден ќе се одржи и форум на кој ќе се дискутира за влијанието на ИПА и ИПАРД фондовите врз развојот на руралниот туризам, за последиците од глобалната економска криза врз туризмот, како и за Македонија како туристичка дестинација. 

А.Р.