Со пригодна свеченост, Црвениот крст Охрид денеска, го одбележа Светскиот ден на крводаротелството. По тој повод беа доделни признанија на заслужни крводарители, поединци, фирми и институции, кои помогнале во развојот и унапредување на крводарителството. Највисокото признание, плакети на Општинската организација на Црвениот крст Охрид, добија интернет порталот OhridNews, Секторот за внатрешни работи Охрид, општина Охрид, како и младиот крводарител Тони Јованоски.
Претседателот на ЦК Охрид, Сашо Точков, изминатата 2013 година ја оцени како успешна со реализирани 1734 дарувања крв и надминување на предвидениот план за 2.79 отсто. Во таа насока, на вчерашната централна манифестација на Црвениот крст на РМ во Скопје, ЦК Охрид се здоби со посебното признание и плакета за исполнет план на крдовадарителството за изминатата година.
„Особено радува фактот што најголем број од крводарувањата кои се реализирани се од млади луѓе од средните училишта и факултетите. Тоа секако ни дава поттик да работиме и натаму во тие средини. Воедно, сакам да го честитам Денот на крводарителството на сите наши крводарители, да се заблагодарам на нивната посветеност и хуманост, која што ја делат на тој начин. Благодарност и до сите оние мотиватори, фирми, поединци и институции, кои на било каков начин придонесоа за развој и унапредување на крводарителството во овој регион.“ – рече Точков.
Благодарници и плакети за 50 дарувања крв добија Милчо Бујароски, Љубица Наумоска и Стојан Јованоски.
„Ми причинува задоволство и секогаш сум позитивен. Со секое дарување знам дека потенцијало се спасува нечиј живот, на луѓе на кои им е најпотребна скапоцената течност. Мислам дека на Република Македонија и требаат повеќе вакви личности и би им препорачал на сите, да не се плашат да даруваат крв, бидејќи тоа е племенита работа.“ – истакна Бујароски.
106 граѓани се стекнаа со благодарници за 5 дарувања крв, 81 за 10 дарувања, како и 11 благодарници за 25 дарувања крв. Благодарници добија и Територијалната противпожарна единица од Охрид, поединци, институции и медиуми, а благодарница за развој и унапредување на крводарителството од Црвениот крст на Република Македонија, доби и Лајанс клубот „Лихнидос“ од Охрид.
O.T.