Министерството за транспорт и врски и Капетанијата имаат морална, политичка и професионална одоворност за бродската несреќа што пред една недела се случи во близина на кампот Елешец, смета Томислав Тунтев, доктор по сообраќајни науки и актуелен советник од редовите на СДСМ. Според него несреќата е последица на тоа што се случува во Охридското Езеро со години.

Сведоци сме и самите на претовареност на бродовите, па дури и на ситуации кога тие се доближуваат многу блиску до брегот помеѓу капачите на што многу пати сме реагирале до надлежната институција, рече Тунтев.

Тој посочи дека бројот на пловни објекти во Македонија од пред седум години до денес речиси десетктратно е зголемен од околу 250-300 на 3.000, од што 2500 пловат на Охридското Езеро.

– При тоа не се извршени промени во регулирањето на водниот сообраќај, недостигаат подзаконски акти и правилници, техничката опременост е многу ниско ниво, не постојат пловни патишта, нема радио врска помеѓу бродовите и Капетанијата, која нема диспечерски систем…вели Тунтев. Според него дискутабилна е и стручната спрема и компетентноста на вработените во Капетанијата, како на првиот човек, така и на инспекторите кои треба да вршат надзор над пловните објекти.

Тунтев смета дека е потребно да се изготви нова регулатива за одвивање на водниот сообраќај на Охридското Езеро, со цел да во иднина да се спречат трагедии како минатонеделната кај Елешец во која животот го загубија 15 бугарски туристи.

Ohridnews