Веројатно е реткост во некој од познатите светски туристички центри да се сретнат билборди на кои се рекламираат други туристички дестинации. Едно такво место е Охрид каде години наназад туристите на влезот од градот ги пречекуваат билборди со атрактивни аранжмани во странство.

Од Локалната самоуправа велат дека билбордите се приватна сопственост и дека општината нема увид во содржините кои се поставуваат, иако таа ги издава локациите за рекламните билборди.

-Не е вкусно на влез на градот да има билборди со таква содржина, но во тоа не можеме да навлегуваме бидејќи е приватна работа кој на кого и за каква реклама ќе ги издаде и не е добро да се диригира тоа ниту од општината ниту од владата, изјави градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Тој вели дека може да се стават клаузули да нема билборди со посочената содржина на влезовите од градот, кои, според него, не го загрозуваат интересот на Охрид.

-На Охрид не може да му биде конкуренција ни Грција ни Турција, ни други туристички дестинации, затоа што Охрид нуди нешто друго, нешто поинакво и посодржајно, додаде Петрески.

OhridNews