Културата, традицијата, природните богатства, храната, одличното вино и гостопримливоста на македонскиот народ ќе бидат главните адути со кои Македонија се претстави на Интернационалниот туристички саем „ITB 2016“ кој од утре до 13-ти март се одржува во Берлин, Германија.

Оваа престижна саемска манифестација која се организира по јубилеен 50-ти пат е еден од најголемите туристички настани во Германија. Претходната година на овој саем својата понуда ја претставиле 180 земји или околу 12.000 излагачи од областа на туризмот.

Според известувањата кои ги има објавено Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, туристичките богатства на Македонија ќе бидат претставени и пред посетителите на саемот за туризам „Mitt“ во Москва, Русија кој ќе се одржува од 23-ти до 26-ти март 2016 година.

Инаку во текот на изминатиот период Македонија имаше свое претставување на саемите за туризам во Утрехт, Истанбул, Љубљана, Брисел, Софија и Белград.

OhridNews