Македонија од осамостојувањето навака бележи постојан пад во туризмот. Земјата нема туристичка стратегија,  а во изготвувањето на законските решенија во оваа сфера се прескокнуваат релевантните институции. Ова меѓу другото беше речено на трибината на која се расправаше за развојот на туризмот , што во организација на невладината МОСТ се одржа викендов во ФТУ во Охрид.


На трибината  учествуваа пратеници, претставници на туристички асоцијации, локалната самоуправа и професори, кои дебатираа околу иницијативата на ДОМ за донесување нови закони за формирање туристичка заедница, туристичка инспекција и закон за прибирање на туристичка такса.

Експертите од ФТУ – Охрид искажаа отворени забелешки на предлог законот во чија изработка како што беше речено не вклучена стручната и научна јавност. Добро е што конечно е покрената иницијатива за донесување закон за туризам, но предложените законски решенија имаат бројни недостатоци, особено во правната поставеност на туристичката заедница, рече во своето излагање професорот по туристичко право, Миладин Крстаноски. За него е спорен предлогот претседател на туристичката заедница да биде министерот за економија, а правото на одлучување да зависи од висината на вложените средства, што според него помалите средини ќе бидат ставени во нерамноправна положба.

Проректорот на Универзитетот во Битола, Науме Мариноски, рече дека стручната јавност не е вклучена ниту во изготвувањето на стратегијата за развој на туризмот поради поставените високи критериуми од страна на државата. Според него спорни се критериумите на прибирање и распшределба на средствата од туристичката такса чија основна функција како што рече треба да биде развојот на малите средини, а не на Скопје или Охрид како развиен туристички центар.

Пратеникот Цветко Грозданов од ВМРО ДПМНЕ, смета дека одредени членови од предложениот закон  се правно неиздржани и треба да се доработат, додека како што истакна раководителот на Комуналната инспекција, Танас Танасоски, за локалната самоуправа предлогот за распределба на средствата од туристичката такса е неприфатлив бидејќи со него се предвидува наместо 80 % во градската каса да се влеваат само 20% од туристичката такса која во иднина наместо општината ќе ја собираат туристичките заедници.

Целта е да се поттикнат сите туристички чинители да се вклучат во јавната расправа и да дојдеме до едно квалитетно законско решение кое ќе не доближи до Европа, а Македонија во иднина достојно ќе биде презентирана на светскиот пазар, рече Дончо Танески претседател на ХОТАМ, која е еден од предлагачите на законот.

Според него неприфатливо е хотелиерите да молат од државата и локалните самоуправи да добиваат пропаганден матерјал со кој тие нив ги рекламираат по саемите, поради што се бара поголемиот дел од средствата да располага туристичката заедница.

„Добро е што има забелешки и што се дискутира бидејќи сега само се отвора расправата по првата од трите верзии на предлогот за донесување на Закон за туризам“, рече Лилјана Попоска од ДОМ.

Таа појасни дека целта е да се обедини туристичкиот еснаф поради што таа предлага формирање туристички заедници какви што има во добро развиените туристички земји,  и изрази надеж дека  иницијативата ќе биде подржана од сите политички партии.

Иницијативата за донесување закон за туристичка заедница, за прибирање туристичка такса и за туристичка инспекција, заедно со измените во законите за туристичка и угостителска дејност пред комисијата за економија ќе се најде на 13 февруари

                                                                                                                           Г. Момироски

Фото: С. Костоски