Заштита на недвижно и движно културно наследство, археолошки истражувања и рекогносцирања, изложби на современа уметност и уште многубројни активности од сите аспекти на работењето предвидени се во Нацрт годишната програма која НУ Завод и Музеј Охрид ја достави до Министерството за култура за оваа година. Директорот Мишко Тутковски вели дека сѐ уште е рано да се зборува за конкретни проекти, затоа што резултатите од Конкурсот на Министерството за култура не се објавени.

Во секој случај, очекуваме поголеми финансиски средства од 2021 година и реализација на покрупни проекти особено од полето на заштитата на недвижното културно наследство. Со сигурност можам да кажам дека во текот на 2022 и 2023 година ќе се реализира проектот „Зајакнување на капацитетите за управување со културното наследство од Охридскиот регион: Обука за развој на GIS базата на податоци на Завод и Музеј – Охрид“, за кој добивме грант од УНЕСКО, а во кој ќе бидат вклучени меѓународни и домашни експерти кои заедно со стручните лица од нашата установа ќе работат на креирање на ГИС база за културното наследство во Охридскиот регион, вели Тутковски. 

Додава дека во изминатата година и покрај отежнатите услови за работа кои ги предизвика пандемијата, реализирале најголем дел од планираните проекти на установата, вклучувајќи ги и оние кои биле одложени во 2020 година.

Конечно е реализиран проектот за конзервација и реставрација на архитектурата на средновековната црква Св. Богородица Захумска кој беше започнат уште во 2016 година, но, заради проблемите со влагата во црквата, неговата реализација се одложуваше сѐ до 2021 година. На локалитетот Плаошник беше изграден заштитен потпорен ѕид од северната страна на Римската бања, со што оваа градба е заштитена од свлекување на земјиштето кое можеше да предизвика огромни штети на архитектурата и на уникатниот мозаик од бањата. Во 2021 година беше реализирана и финалната фаза од проектот за конзервација и реставрација на Куќата на Хаџиеви која е заштитено културно наследство. 

Крупни зафати, вели, биле преземени и на објектите од музејскиот комплекс кај Градиште, каде што била извршена делумна реконструкција и статичко зајакнување на пристапниот мост кој бил во исклучително лоша состојба, била извршена замена и поставување на нови дрвени греди од платформата и биле зајакнати оградите од наколното живеалиште.

Активностите за подобрување на состојбата во овој комплекс се одвиваат и во моментов. Се заштитуваат сите дрвени конструкции какви што се видиковците, клупите и друго, а во текот на пролетните месеци ќе извршиме санација на дрвените куќички од платформата и разни поправки во ентериерот на музејот, со што ќе ги завршиме сите активности кои се неопходни за целосна санација на овој музејски комплекс кој е една од најзначајните туристички дестинации во Охридскиот регион, информира директорот.

Додава дека систематските археолошки ископувања на Самуиловата тврдина кои се одвиваа во 2021 година ќе продолжат со засилено темпо во оваа година и со надеж дека ќе имамат поголем буџет кој ќе овозможи да се извршат и одредени конзерваторско-реставраторски активности на дел од откриените градби на локалитетот.

После долгогодишна пауза, во 2022 г. повторно ќе се навратиме на локалитетот Плаошник каде е планирано да се извршат археолошки доистражувања кои ќе овозможат изработка на соодветни проекти за целосна заштита на градбите кои сѐ уште не се конзервирани и реставрирани. Во 2021 година започнаа и одредени заштитни активности на базиликата кај Св. Еразмо, а за тековната година е планирано да започне реализацијата на проектот за конзервација на архитектурата, кој ќе се одвива етапно, согласно обезбедените финансиски средства, потенцира Тутковски. 

Н.С.Ј.