Пополнувајќи ги последните страници од 365 страни во 2023 година основното училиште „Кочо Рацин” – Охрид раскажа уште една успешна приказна.

Домаќин на втората средба беше ОУ „Веселин Маслеша” од Белград каде 11 ученици од нашето училиште заедно со директорката и две наставнички од училиштето беа гости во периодот од 21 до 24 декември, се со цел да се поттикне личениот раст и развој на учениците во насоката во која веќе пројавиле интерес или имаат претходни знаења и искуства и да им се помогне да се изградат во индивидуи кои придонесуваат и се грижат за здравјето, менталниот дух и заедницата. На средбата, исто така, учествуваа и 9 ученици од третото збратимено училиште ОУ „Веселин Маслеша“ од Фоча, Босна и Херцеговина, потенцираат.

Учествуваа во две работилници на тема „Емпатија” каде преку различни групни активности ги зајакнуваа социјалните вештини и го подобруваа нивното ментално здравје. Во рамките на третиот ден од посетата учениците заедно со своите наставници имаа можност да се запознаат и да ги истражат убавините и историјата на Белград преку посета и предавања од стручни лица во најголемата црква на Балканот црквата Св.Сава, потоа посета на црквата Св.Марко и гробот на цар Душан, посета на музејот на Никола Тесла, Собранието, Главниот плоштад-Теразије, Кнез Михаловата улица и Калемегдан. Вечерните часови беа можност за дружење и забава со одлична музика како и посета на различни спортски натпревари на кои се натпреваруваа нивните домаќини и притоа одлично се забавуваа.

Значаен настан во процесот на градење на „Мостовите на пријателство” беше остварувањето средба со Лидија Демниева, претседател на Здружението на Македонци во Белград „Кочо Рацин” која е потомок од семејството на патронот на нашето училиште Кочо Рацин. На овој емотивен настан за сите нас оддадовме заедничка почит за животот и делото на нашиот великан, додаваат од училиштето.
OhridNews















