На 43-от по ред општински натпревар по прва медицинска помош, што во организација на Црвен крст Охрид се одржа викендов, стекнатите знаења, вештини и техники за укажување прва помош ги покажаа преку триста ученици од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебарца. Натпреварувачите беа организирани во екипи младина (средни училишта) и подмладок (основни училишта).

Најуспешна беше екипата од Средното медицинско училиште во категорија младина која ќе учествува на Државниот натпревар по прва помош во септември 2014, а во категоријата подмладок, најуспешна беше екипата на основното училиште „Братство и единство“.

– Единствен е впечатокот и заклучокот дека победници на овој и сите досегашни натпревари  по прва помош се сите оние кои се стекнале со основните знаења, вештини и техники за укажвање прва помош и се оспособени да му помогнат на оној кој е во неволја и има потреба од помош, и спасат човечки живот, потенцираат организаторите.

Црвен крст Охрид изразува голема благодарност до наставниците, професорите-менторите од основните и средните училишта од Охрид и Дебарца, кои неуморно работеа со своите екипи. Голема благодарност до волонтерите на Црвен крст Охрид, тимовите за шминкање, актерите и сите поединци и фирми кои го помогнаа одржувањето на општинскиот натпревар по прва помош.

OhridNews