Слависти, балканисти и македонисти од целиот свет, ќе земат учество на 45 Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, што денеска свечено беше отворен во Охрид.


Јазикот е столб на идентитетот на еден народ и денес е апсурдно да се оспоруваат културните и националните вредности, истакна во поздравното обраќање претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, посочувајчи дека оваа манифестација секоја година создава десетици нови пријатели на Македонија и нејзината култура, литература и јазик.

-Ирационални се обидите во 21 век да се негира, оспорува и напаѓа идентитетот, јазикот, културата. За жал токму ние, македонскиот јазик, идентитет и култура, сме исправени пред такви предизвици и такви обиди. Но, тоа се апсолутно неодржливи и апсурдни обиди. За сопствениот јазик и идентитет, денес никој на овој свет ниту разговара со кој било, ниту бара или очекува потврда и признавање, истакна претседателот Иванов.


Учесниците на меѓународниот семинар ги поздрави и градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, кој истакна дека тие се најголеми амбасадори на нашата земја бидејќи, како што рече, ја знаат и научно ја верификуваат вистината за Македонија, македонскиот јазк, култура и идентитет.

– Токму тие научно верификувани вистини  ни се најпотребни сега кога некои од соседите на најсуров и недемократски начин сакаат да ги негираат, рече Петрески. 


Во рамки на семинарот ќе се одржи традиционалната летна школа по Македонски јазик, која ќе ја посетуваат над 100 слушатели од 20 земји.

-Доаѓам тука од 2004 година и исклучително сум задоволна од семинарот кој ми овозможи подобро да го совладам Македонскиот јазик, бидејќи тоа што се учи на факултет е недоволно за да се совлада еден јазик, изјави Елена Обухова, која токму на семинарот ја нашла љубовта на својот живот и сега живее во Охрид.


Покрај предавањата и лекторските вежби, за слушателите на школата е организирана и алтернативна програма која предвидува посета на културните знаменитости во Охрид, како и курсеви по македонски ора и песни, а за прв пат учесниците ќе имаат можност и да научат нешто за традиционалната македонска кујна.


Оваа година на семинарот ќе се одбележат неколклу значајни јубилеи, меѓу кои 45 годишнината од обновувањето на автокефалноста на МПЦ и 60 годишнината од објавувањето на првиот дел од граматиката на Македонскиот литературен јазик од Блаже Коневски.

Горан Момироски