Владата со донесената прва мерка од петтиот антикризен пакет им подари на „локомотивите“ – членки на Стопанската комора на Македонија 162,4 милиони евра, а на угостителите и натаму неосновано и неоправдано со времена одлука им го цепка и ограничува работното време и правото на работа, реагира денеска Независната угостителска комора (НУК).

Според НУК, при крај е трпението на угостителите кои чекаат време и покана за работна средба со Владата на која и даваат рок до 25 јануари да ги усвои нивните барања за креирање посебни мерки за директна помош и поддршка на угостителската индустрија.

Сите индустрии добија поддршка и помош од постојните сет економски мерки, само за угостителската континуирано се носат препораки и протоколи со ограничувања за работно време, смета НУК и нагласува дека неискористени средства од четвртиотиот сет мерки за субвеција на плати има повеќе од 15-тина милиони евра кои може веднаш да се наменат за јануарска и февруарска субвенција за плати во угостителската индустрија.

НУК, наведува заедно со здруженијата КЛУБ ЕСНАФ од Битола, ПРИЛЕПСКИ МЕАНЏИИ од Прилеп, ТИКВЕШКИ УГОСТИТЕЛИ од Кавадарци, БИСЕР од Куманово, ЗУТ КРУШЕВО од Крушево, АНТИГОНЕА од Неготино и ОХРИДСКИ ЕСНАФ од Охрид, како и во името на сите останати угостители погодени од пандемијата, бара безусловна субвенција за сите вработени во угостителската индустрија во висина на бруто плати додека се во важност ограничувањата со рестриктивните мерки, директна неповратна финансиска помош – грант за сите угостители по принципот на доделена ваква помош за ноќните клубови и категоризираните ресторани, безусловна достапност на угостителската дејност до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на тековна ликвидност и унапредување на угостителството или побрза достапност на најавениот гарантен фонд или гарантна шема со која угостителите ќе можат да добијат државни гаранции врз основ на кои ќе можат во банките да се задолжат со долгорочни поволни комерцијални кредити со грејс периоди за надминување на проблемите со ликвидноста.

Угостителите бараат и изедначување на ДДВ за угостителски услуги согласно ветувањата на 10 проценти на сите угостителски услуги во сите видови на угостителски објекти, како и одлагање и репрограмирање на извршни постапки врз угостителите и угостителската индустрија, односно трансформација на секое извршно решение во решенија за исплата на рати со грејс период или наплата по завршување на корона пандемијата. мч/ац/

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи не се согласува со констатацијата на Независната угостителска комора дека угостителите не се поддржани наспроти сите останати сектори.

Во одговор на новинарско прашање, Битиќи денеска посочи дека уште во првиот и вториот актикризен пакет имало мерки насочени само кон угостителскиот сектор и оти само во делот на мерката за финансиска поддршка процентуално гледано искористеноста во овој сектор е солидна.

Тој вели дека е отворен за комуникација со секого, но оти во овие тешки времиња сите треба да бидат разумни во очекувањата и можностите.

Јас сум отворен да комуницирам дури и со неистомисленици без разлика дали тие претставуваат само мала група на луѓе или претставуваат поголема група на стопански субјекти. Имаше период на изјаснување за собирање на предлозите за мерките. Ќе ги видиме и ќе разговараме, но треба да сфатиме дека во овие тешки периоди, сите треба да бидеме разумни во очекувањата и можностите, рече Битиќи, додавајќи дека сите ќе бидат помогнати во рамки на возможното.

Во однос на барањето на угостителите за средба до 25 јануари, Битиќи рече дека тоа би требало да се реализира доколку дозволат условите со Ковид ситуацијата, но оти има и други механизми како што е онлајн комуникацијата.

Вицепремиерот повтори дека следната недела ќе се разгледа можноста за продолжување на работното време на угостителските објекти по 21 часот, но, како што рече, секоја мерка што се носи мора да оди парарелно со примарната цел, а тоа е здравјето на граѓаните.

OhridNews