Охридските угостители не се согласуваат со предлогот на градоначалникот Александар Петрески, за изедначување на работното време на угостителските објекти во и вон туристичката сезона.

Имено, градоначалникот минатата недела на средба со жителите од МЗ Стар град, најави дека на една од наредните седници на Советот ќе предложи работното време на угостителските објекти во стариот дел на градот да биде исто и во лето и во зима, односно тие да работат во текот на целата година преку недела до 24 ч., а за викенди и празници до 01 ч. по полноќ, освен во периодот од Нова Година до Водици кога е предвидено тие да работат еден час плус од предвиденото работно време според законот.

Свесен сум дека ваквиот предлог негативно ќе вјилае на туризмот, но свесен сум и за незадоволството на жителите од стариот дел на градот и оттаму ќе ја предложам ваквата мерка на Советот, рече Петрески. Жителите од стариот дел на градот  го поздравија ваквиот предлог. Тие се пожалија на како што рекоа неподносливите услови за живот и големата бучава што ја предизвикуваат угостителските објекти во стариот дел на градот и сметаат дека со една ваква мерка битно ќе се подобрат условите, а нема да трпи и туризмот.


Петрески подлегна на притисокот на варошани

За разлика од нив угостителите се крајно револтирани од предлогот на градоначалникот, за кој сметаат дека е непродуктивен и ќе има сериозни последици по туризмот. Угостителите како што дознава ohridnews.com  деновиве покренале петиција која ќе биде доставерна до локалната самоуправа, против ограничувањето на работното време на угостителските објекти. Собирањето на потписите е во тек, а според најавите петицијата ќе му биде предадена на градоначалникот Петрески по неговото враќање од службен пат.

Г. Момироски