Сликата „Охридски непокор“ врачена како симбол на пријателството меѓу Македонија и Хрватска, нова изложба на уметникот најавена за август во Охрид.

Уметноста отсекогаш била еден од најпрепознатливите амбасадори на државите и народите. Низ вековите, културното наследство создавано од уметници, градители и мајстори оставало трајни сведоштва за идентитетот, традицијата и духовните вредности на едно општество. Денес, таа улога ја продолжуваат современите творци чии дела ги надминуваат националните граници и стануваат дел од културната дипломатија.

Токму во таков контекст, делото „Охридски непокор“ од академскиот сликар Јордан Манасијески од Охрид му беше врачено на претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, за време на неговата неодамнешна посета на Охрид. Сликата му ја предаде премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, како подарок што го симболизира долгогодишното пријателство и меѓусебното почитување меѓу двете земји.

Ова не е првпат делата на Манасијески да бидат избрани како државнички подарок. Во јавноста е познат и случајот кога поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, на тогашниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џорџ Буш, му подари уметничко дело токму од охридскиот автор.

Јордан Манасијески важи за еден од најпознатите македонски современи уметници на меѓународната сцена. Во својата 55-годишна творечка кариера има реализирано бројни изложби и настапи на престижни уметнички салони и манифестации во Фиренца, Париз, Токио и Њујорк, а неговото творештво е препознаено и вреднувано од еминентни светски ликовни критичари.

За неговата уметност критиката ќе забележи дека поседува „музејски калибар“, додека неговата авторска визија се оценува како значаен придонес во развојот на современите ликовни тенденции.

Меѓу бројните признанија што ги има добиено се издвојува престижната награда „Микеланџело – уметник на јубилејот“, доделена од италијанската уметничка критика, како и високите признанија од жирито на Биеналето на нациите во Венеција.

Почитувачите на неговото творештво наскоро ќе имаат можност повторно да се сретнат со делата на Манасијески. Во август, во просториите на Галерија Уранија при МАНУ во Охрид, ќе биде отворена изложба на која ќе бидат претставени нови дела од еден од најреномираните македонски уметници.

Г.М.
Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски