Денеска се изврши промоција на проектот “Употреба на уметноста каде што е тешко да се зборува – Размени меѓу уметници кои работат во социјалната област”, чиј носител е К.Ц. Медиа Артес од Охрид. Проектот се реализира во партнерство со организацијата Refraction Association од Тирана, Албанија и истиот е поддржан преку ИПА програмата на Европската Унија за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија.

Основна цел на проектот е да создаде мрежа на граѓански организации меѓу Македонија и Албанија, организации од областа на културата, локални институции, неформални групи и уметници, кои ќе работаат со ранливи групи, користејќи ја уметноста како средство и медиум.

Суштината е дека уметникот поседува посебен сензибилитет којшто е комбинација на неколку квалитети и во дијалог со ранливите групи,уметниците ќе се среќаваат и соработуваат и заеднички ќе бидат вклучени во еден процес кој ќе резултира со финални резултати како што се изложби, театарски претстави, перфоманси, што сепак ќе зависи од интересот на групата . Целта е на овие групи граѓани да им се поврати чувството на самодоверба, вели Јасмина Билаловиќ, координатор на проектот.

Како што потенцира Билаловиќ, сеуште се вршат подготовките и воспоставуваат контакти со институциите со кои ќе се соработува при реализацијата на пилот- активностите во јануари, идната година.

Во моментов сме во контакт со меѓуопштинскиот Центар за социјална работа и Центарот за дневни зависности, бидејќи целта е во проектот да се опфатени луѓе кои се на метадонска терапија. Понатаму малолетници од охридскиот и струшкиот затвор, како и деца и млади од различна етничка припадност. Но,  потенцијалните партнери ќе се објават откако соработката ќе биде официјализирана, додава Билаловиќ.

Во рамки на проектот, уметници од Шведска, кои имаат долгогодишно искуство во ваков тип на работа, ќе ги обучат своите колеги-уметници, како и други креативни професионалци, од Охрид и Струга за работа со ранливи групи. Целта на проектот е и да ја промовира соработката и размената на искуства на уметниците и психо-социјалните работници од Охрид и Струга со нивните колеги од Албанија.

Т. Кувенџиска