Невремето проследено со град што беснееше во Охридскиот регион пред два дена во атарот на селата Требеништа и Волино уништи 50 проценти од годинешниот род. Најпогодени се лозовите насади и овошките, а штета има и на другите земјоделски култури.
Невремето траеше дваесетина минути при што уништи околу 50 отсто од јаболката и 30 проценти од лозовите насади, изјави Зоран Мироски, земјоделец од Требеништа.

Погодените подрачја денеска ги посети заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Зоран Коњаноски, кој најави дека Владата ќе помогне да се санираат последиците од невремето во општиба Дебрца, каде градот предизвика најголема штета на земјоделските површини.
-Од она што го видов може да се заклучи дека за само неколку минути се уништени околу 50 хектари лозови насади и исто толкава површина овоштарници. Апелирам до општината Дебрца што е поскоро можно да ја испрати на терен Комисијата за утврдување на штети и да отпочне постапката за обештетување, рече Коњановски. 

Заменик министерот истакна дека Владата ќе ги помогне оштетените земјоделци со средства во висина од 10 од 20 проценти од уништените реколти и притоа ги повика сите кои обезбедуваат егзистенција од земјоделството, да го осигураат својот труд и род.
– Осигурувањето е најсигурно. Ние како Влада излегуваме во пресрет, односно на земјоделците им враќаме 60 отсто од трошоците што тие го извојуваат за осигурување, рече Коњановски, нагласувајќи дека тоа е највисокиот процент што го дава една држава во регионот на Југоисточна Европа. 

Во разговорите со земјоделците Коњановски се запозна со нивните проблеми и ги информирашпе дека за сите проблеми со кои се соочуваат во работењето ќе можат да ги контактираат експертите вклучени во проектот „365 дена подвижна канцеларија за земјоделците“ што ќе стартува идниот месец.
OhridNews