Во врска со поништената постапка за избор на директор на охридската гимназија, денес, со соопштение до јавноста се огласи и училишниот одбор на оваа образовна установа. На вчера одржаната седница , училишниот одбор донел одлука за поништување на огласот за избор на директор, постапувајќи по решението на Државниот инспектор за труд со кое се наредува поништување на постапката и известувањето на Градоначалникот дека не извршил избор на директор на училиштето.

На седницата Училишниот одбор донел неколку заклучоци, меѓу кои и заклучокот дека Градончалникот не постапил согласно  Законот за средно образование и Статутот на Училиштето, дека три месеци пред истекот на мандатот на постојниот  директор, треба да донесе одлука училишниот одбор да распише јавен оглас за избор на директор.

Мандатот на постојниот в.д. директор истекува на 14.12 2013 год. и Одлуката на Градоначалникот требало да биде донесена најдоцна до 14.09 2013 год. Истата е донесена на 21.10 2013 год. еден месец и 7 дена по истекот на законскиот рок, велат од училишниот одбор.

Оттаму, додаваат дека на 17 и 18.10 2013 год. од страна на стручните служби при локалната самопурава Охрид, до Училишниот одбор испратени биле две е-маил пораки во кои се бара да се објави оглас за директор на училиштето, со напомена дека решението од градоначалникот ќе може да се подигне на 21.10 2013 год.

Градоначалникот на Охрид не постапил согласно Законот за средно образование и Статутот на Училиштето, согласно кои во рок од 15 дена од денот на добивањето на предлогот, врши избор на директор. Доколку Градоначлникот во утврдениот рок не избере Директор, должен е во рок од три дена да го извести училишниот одбор со писмено образложение за причините. Одлуката со предлог за избор на директор на училиштето до Градоначалникот е доставена на 08.11 2013 год., а известувањето од Градоначалникот до Училишниот одбор е доставено на 28.11 2013 год., дваесет дена по приемот на предлогот од Училишниот одбор со што е повреден рокот од 15+3 дена пропишани со Законот за средно образование и Статутот на Училиштето, велат од Училишниот одбор.

Како што стои во дописот, не постои обврска ниту во Законот за средно образование, ниту во Статутот на Училиштето, ниту во условите од објавениот оглас, кандидатите да доставуваат програма за работа до Градоначалникот, туку пријавените кандидати ги доставуваат потребните документи  согласно со огласот до училишниот одбор, кој потоа до Градоначалникот предлага еден кандидат за избор на директор.

Во Решението државниот инспектор за труд навел:  “Училишниот одбор распишал оглас за избор на ден 21.10 2013 во момент кога немал право тоа да го стори, односно не биле исполнети претпоставките за да го стори тоа дејствие. Имено, законска претпоставка за распишување на оглас за директор е донесување Одлука од страна на Градоначалникот за распишување оглас за директор. Оваа претпоставка во моментот на распишување на огласот не постоела.” Ова е целосно неточно. Претпоставката (решението на градоначалникот) во моментот на распишување на огласот постоела. Одлуката на УО за распишување оглас е донесена на 21.10 2013 год., а огласот е објавен на 25.10 2013 год. И во едниот и во другиот момент решението на Градоначалникот донесено на 21.10 2013 постоело. Огласот не е објавен на 21.10 2013 год., туку е објавен на 25.11 2013 год. четири дена по донесувањето на решението на Градоначалникот, се наведува во дописот од училишниот одбор.

Од одборот укажуваат дека во Решението државниот инспектор за труд навел дека состојбата укажува на фактот дека најбрз рок за распишување на огласот е 24.10 2013.

Во решението на градоначалникот изрично пишува дека тоа стапува на сила со денот на донесувањето, а тоа е 21.10 2013 год. На кој начин и со кое право државниот инспектор за труд го одложил стапувањето во сила на решението на Градоначалникот до 24.10 2013 год? Деловникот за работа е интерен документ на училиштето. Не може Градоначалник во своја одлука да се повикува на интерен акт на друга институција.  Државниот инспектор за труд не е овластен да врши инспекциски надзор над примената и да констатира повреда на деловникот за работа на училишниот одбор, која би била основа за поништување на огласот за избор на директор. Државниот инспектор за труд не навел во диспозитивот на решението кој тоа член  и од кој правен акт е повреден, па би претставувал основа за за поништување на огласот за избор на директор, туку само констатирал “наводни незаконитости”, потенцираат од одборот.

Оттаму додаваат дека и покрај горенаведеното, донеле одлука за поништување на објавениот оглас, се со цел да да не се оддолжува постапката за избор на директор на училиштето со жалби или тужби, од што најмногу штета би имале институцијата, наставниот кадар, а пред се учениците и родителите.

OhridNews