Куќата во Охрид на улица „Димитар Влахов“ изградена во 1927 година не поседува статус на заштитено културно наследство согласно Законот за заштита на културното наследство, ниту е евидентиран како добро под привремена заштита, велат од Управата за заштита на културното наследство, а по јавните реакции за рушење на истата.
Оттука, Управата за заштита на културното наследство нема законски ингеренции за постапување во однос на издавање согласности, забрани или други управни акти поврзани со интервенции на овој објект. Надлежностите на Управата се однесуваат исклучиво на културни добра кои имаат утврден статус на заштита или се во постапка за заштита, согласно важечката законска регулатива. До УЗКН не е покрената постапка за воспоставување заштита на предметниот објект од надлежна установа за заштита, поточно НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, посочуваат.
Невладината СОС Охрид, додаваат, не е надлежна установа за доставување на предлози за воспоставување на заштита за објекти кои треба да бидат културно наследство.
Објектот се наоѓа во контактната зона на Споменична целина Старо градско јадро на Охрид за кој постои утврден режим на заштита. Со оглед на ова НУЗЗСК и Музеј – Охрид е надлежна установа која треба да ја следи состојбата на терен. Во време кога дезинформациите брзо се шират преку социјалните мрежи, од особена важност е јавноста да прави разлика помеѓу официјално потврдени информации и објави кои не се поткрепени со документи, факти или институционални извори, додаваат.
Инаку, неодамна почнаа градежни активности на локацијата што предизвика реакции во јавноста. Беше поднесена иницијатива за прекин на градежните работи за заштита на објектот кој е приватна сопственост. Градежните работи продолжија и куќата со автентичен изглед на улица “Димитар Влахов” почна да се урива.
OhridNews














