Првата „ Лидерска академија за жени“, во организација на клубот „Сороптимист“ од Струга со поддршка на Унијата на Сороптимист од Република Турција, успешно се реализира.

Учесниците кои секојдневно имаат можност да слушаат предавања од врвни обучувачи од Германија, Турција, Португалија, Холандија, Нов Зеланд, САД, Хрватска, Данска, Литванија, Италија и Македонија се повеќе од задоволни.

Среќни сме што сме дел од академијата која е високо професионално организирана, може многу да се научи, воодушевени сме од програмата, гостопримството на домаќините. Сме учествувале на бројни настани од ваков вид низ светот, но мораме да потенцираме дека толку убаво како овде никаде не сме се чувствувале, велат учесниците од Португалија и Турција.

Задоволство од реализацијата на проектот изразува и главниот „виновник“ и организатор на „Лидерската академија за жени“, Катерина Василеска-  член и оснивач на клубот Сороптимист Струга.

Презадоволна сум од ова што деновиве се случува во Охрид и мислам дека ова е можеби еден од ретките проекти во кои што не црпиме ние искуство од другите поразвиени земји, туку луѓе од поразвиени земји доаѓаат тука во Охрид да видат што се случува, да ја преземат идејата за академијата и да  ја применат во нивните земји. Проектот ги надмина и моите очекувања во позитивна смисла , кога мислев дека ќе биде уште една летна школа со интернационално присуство. Сега произлезе дека ова е еден историски настан кој има потенцијал да го промени Сороптимист како организација и да ги зајакне жените и девојките со цел да станат вистински лидери во многу сфери од животот, вели Василеска додавајќи дека нејзина најголема желба е во наредните години академијата се повеќе да се развива и  да има се поголем број учесници.  

Академијата опфаќа  32 работилници на кои преку активно учење, тимска работа, презентација на животни искуства на успешни жени лидери, создавање кариерен план, преку многу дружење и забава учесничките имаат уникатно искуство да стекнат нови знаења и вештини.

Академијата завршува на 25- ти јули.

Т.К.