Вработените во фабриката „Костал“ постапуваат согласно плановите во услови на случен земјотрес и пожар, а исполнети се и очекувањата за брза и навремена интервенција на службите кои се надлежни во вакви ситуации. Ова беше првичната констатација по реализацијата на денешната показна вежба во која учествуваа вработените во фабриката, претставници од Отсекот за превенција при СВР Охрид, Територијалната противпожарна единица, Итната медицинска помош, Црвениот крст Охрид,  Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

Денешната вежба се реализираше со цел да се исполнат законските обврски, првенствено предвидени и со Законот за безбедност и здравје при работа, каде што е пропишано дека вежбите за евакуација и спасување треба работодавачот да ги организира и да ги спроведува на секои две години, истакна Павел Ковачевски,  стручно лице за безбедност при работа во фабриката „Костал“.

Вежбите се од особено значење за на некој начин преиспитување на системот за заштита од пожари и спасување и од други вонредни ситуации. Дотолку повеќе што за време на вежбите имаме можност во една реална ситуација ги забележиме евентуалните недостатоци, да преиспитаме како функционира целиот тој систем на заштита и нормално врз основа на утврдените евентуални забелешки да дефинираме одредени мерки за корективно и превентивно делување. И секако ова е извонредна прилика вработените да стекнат една реална претстава, значи како треба да се однесуваат и како се постапува во една таква вонредна ситуација со цел значи постапувањето во таква ситуација биде што поефикасно и нормално да се избегнат пред сè човечки овој загуби и жртви и секако да се намали, да се минимизира материјалната штета, посочи.

Истакна дека објектот располага со соодветна инфраструктура, излези (најмалку два излези од секој погон, просторија, канцеларија) и современи системи за детекција и дојава на пожар.

Тоа е сè согласно со Правилникот за заштита од пожари и експлозии и врз основа на тој правилник значи се изработени и помошните излези и целата инфраструктура за заштита од пожари, како системот за детекција на пожар, системот за дојавување на пожар итн.  Сега останува во наредниот период да ги сумираме впечатоците од вежбата.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски нагласи дека се работи за показна вежба којашто практично ќе треба да ги покаже актуелните перформанси на службите коишто се директни чинители при појава на случаи на пожари и земјотреси, колку службите се синхронизирани, колку се ефикасни и ефективни во спроведувањето на предвидените мерки согласно протоколите за вакви случаи и каде е оној момент каде што евентуално се случиле некои недоследности во спроведувањето на мерките коишто се предвидени според планот и програмата.

​Целта на овие вежбовни активности е да се подигне нивото на меѓусебната комуникација со цел што е можно побрзо информирање пред сè за појавата, а веднаш потоа во најможно кратко време да се превземат оние мерки коишто ќе треба да придонесат за што е можно побрзо излегување на надлежните служби на терен, на местото каде што е случен пожарот и да се превземат и понатаму мерките со останатите служби, се разбира, во координација меѓусебна и токму да се подигне нивото на координацијата, бидејќи само на тој начин службите ќе се ефикасни и ефективни во справувањето со последиците и пред сè во пружање помош на граѓаните, истакна Димоски.

Пристигнувањето на службите, пред сè на полицијата и на противпожарната служба од своето матично седиште до просториите на „Костал“ беше во реални 9 минути на денешната вежба.

Тука ги имаме предвид и актуелните состојби коишто се на потегот на „7-ми Ноември“, нели имаме затворена улица, па беа принудени службите да прават обиколка по улицата „Питу Гули“. Морам да напоменам дека и покрај густиот сообраќај, возачите коишто беа на подрачјето и коишто управуваа моторни и други возила по овие улици, покажаа максимална солидарност, ги испочитуваа со давање првенство на минување на возилата со приоритет. Но, доколку нивното движење беше адекватно по предвидената релација, тука ќе стигнеа за 4 до 5 минути, додаде Димоски.

​На терен активно учествуваа и волонтери од Црвениот крст Охрид, организирани во тимови за прва помош и психолошка поддршка.

Тимот прва помош денеска на оваа симулациска вежба се состоеше од 6 волонтери активно вклучени во Црвениот крст и на терен на вакви вежби секогаш кога има потреба. Имавме и исто така работник од Црвениот крст кој укажуваше прва психолошка помош на човек кој беше во паника, изваден од фабриката. Како екипа на Црвениот крст со наше амбулантно возило ги транспортираме повредените до Брзата помош или болницата во Охрид, каде што им се укажува дополнителна помош. Ние гледаме само првично да се санираат повредите за да не дојде до компликација. На оваа симулациска вежба денеска имавме отворена скршеница на потколеница и изгореница од трет степен на рака, што се некои секојдневни повреди во фабрики каде што има голем број на вработени, потенцираше Давид Јоанис, волонтер во Црвен крст Охрид.

Инаку, фабриката „Костал“ брои преку 1 500 вработени, а денешната вежба беше реализирана за вработените во претпладневната и во административната смена, односно опфати околу 600 лица.

 

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска