Со презентација на резултатите, денеска, заврши втората фаза од акцијата за чистење на Охридското Езеро од неексплодирани убојни средства. Дното на Охридското Езеро во текот на изминатите 35 дена, на неколку локации,  интензивно се расчистуваше од неексплодирани убојни средства, од страна на екипите за подводно деминирање на Дирекцијата за заштита и спасување.


Како што истакна првиот човек на дирекцијата, Шабан Салиу, во оваа фаза од акцијата од дното на езерото биле извадени над 8, 6 тони неексплодирани средства. – Акцијата ја оценувам како успешна, и се надевам дека доколку продолжи поддршката од донаторите, таа ќе продолжи и во месец септември со расчистување на струшкиот дел од езерото, рече Салиу.

Акцијата, чија прва фаза се реализира минатата година, се изведува со финансиска поддршка на американската Влада и Меѓународната фондација за заштита од мини „ИТФ“ од Словенија.


Оваа акција е од особено значење за Охрид и Охридското езеро како светско природно наследство, заштитено од УНЕСКО. Неексплодирани убојни средства сеуште има на одредени локации, но се надевам дека донаторите ќе имаат слух и понатаму и дека ќе помогнат во расчистување и на останатите локации, истакна заменик директорот на Меѓународната фондација за заштита од мини “ИТФ”, Горан Гачник. 

При извлекувањето на средствата беше користена специјална опрема за подводно детектирање и извлекување на опасниот материјал. Опремата која беше користена минатата година, во втората фаза од акцијата беше надополнета и со два подводни детектори и мамут пумпа за поефикасно лоцирање и вадење на неексплодираните убојни средства.

Во првата фаза од акцијата, која започна минатата година, од Охридското Езеро беа извадени 7.3 тони неексплодирани убојни средства, што датираат од периодот на Балканските и двете светски војни. Опасниот материјал беше уништен на воениот полигон „Криволак“.

OhridNews