Уставниот суд, денес, на седница го усвои решението за оспорување на измените на Законот за помилување донесени во 2009 година, со што се отвора можност Судот да ги зголеми ингеренциите на Претседателот на државата и да може да помилува лица осудени за изборен криминал. Решението за поведување на постапка ќе биде доставено до доносителот на Законот, односно до Собранието кое треба во одреден рок, најмногу до 30 дена, да даде свое мислење за постапката којашто ја поведе Уставниот суд. Мислењето на Собранието, како што велат од Уставниот суд, се респектира, но не е пресудно во одлучувањето. Ова решение не е конечно и според процедурата, откако свое мислење за постапката ќе даде Собранието, судијата известител ќе го стави предметот на дневен ред на седницата на Уставниот суд. Уставните судии ќе гласаат и со просто мнозинство ќе биде донесена одлука којашто ќе биде конечна.

Пред Уставниот суд, додека траеше редовната седница, имаше засилено присуство на полицијата, но од Судот немаа информации зошто има толку полиција пред нивната зграда.

Пред Уставниот суд досега се одржаа три протести на коишто граѓаните оставка од петтемина судии: Јован Јосифовски, Владимир Стојановски, Вангелина Маркудова, Елена Гошева и Никола Ивановски, кои гласаа „за“ иницијативата за разгледување на Законот за помилување. Во 2009 имаше измени на овој Закон и со тогашните измени Претседателот веќе немаше можност да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности.

Предлогот којшто е ставен на дневен ред на денешната седница следува по отворањето на случајот „Титаник“ од страна на Специјалното обвинителство во кој осомничени се високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот Министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, актуелниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко и уште пет други лица.

Сите се товарат за вмешаност во изборни нерегуларности.

OhridNews
извор Макфакс