Уставниот Суд не поведе постапка за одредбата од Изборниот законик која предвидува листата на независни кандидати предложена од група избирачи да се означува со зборовите група избирачи. Одредбата е оспорена бидејќи таквото означување на листите на независни кандидати во ситуација кога листите на кандидати предложени од политичките партии се означуваат со името и симболот на политичката партија, би значело непрепознатливост на листата на независните кандидати со тоа нивна дискриминираност, а со тоа повреда на принципот за фер и демократски избори.
Неповедувањето на постапката е затоа што Судот утврди дека од другите одредби на Законот произлегува можноста и на листата на независните кандидати да се стави име и симбол на  групата избирачи која ги предложила независните кандидати, со тоа што тие тоа име и симбол на групата избирачи мора да го достават во определен рок, па непостапувањето по таквите обврски повлекува за последица листата на кандидати да се означи само со група избирачи без име и симбол.

На дел од одредбите во Изборниот законик неодамна реагираше носителот за независната листа на кандидати за советници, Љупчо Нечкоски. Според него дел од измените на законикот се дискриминаторските и ги фаворизираат политичките партии. Тој во изјава за „Ohridnews“ во предизборието изнесе став дека со последните измени во Законот за избори направени во октомври 2008 година, на носителите на независните листи им е ускратено правото на гласачкото ливче да бидат претставени со цело име и презиме, туку само со иницијали.

Нечкоски смета дека ваквите измени се направени во интерес на партиите и дека ваквото законско решение е зрело да падне на Уставен суд, но за тоа сега било доцна. Независните кандидати за советници, рече Нечкоски, ќе имаат сериозен проблем да им објаснат на гласачите кои се и како ќе бидат претставени на гласачкото ливче.

Ohridnews