Советот на Општина Охрид на 64-та седница, последна во овој состав, ги усвои завршните сметки на јавните претпријатија „Комуналец“ и „Проаква“.

На усвојувањето на извештите претходеше расправа во која советникот од ВМРО НП, Ранко Велјаноски, укажа на намалена наплата, наспроти зголемување на бројот на вработените и расходите во  МЈП „Проаква“.

По ова следеше одговор на в.д. директорот на „Проаква“ Бранислав Трпчески, кој во врска со вработувањата во јавното претпријатие истакна дека тие се направени согласно потребите и законот, на што како што посочи, забелешки немала ниту Антикорупциската комисија. Зголемувањето на расходите, според Трпчески се должи на застарениот сметководствен систем, а намалените приходи на лошото работење на „Проаква„ Струга која произведувала помалку вода и наплаќала малку од фактурираните побарувања.

Трпчески информираше дека проблем има и со колекторскиот систем, кој како што рече, е стар 20 години и треба да се ревитализира. Истиот, додаде Трпчески, е оставен на општините кои сами не можат да го одржуваат колекторскиот систем.


Забелешка на усвојувањето на завршните сметки на јавните претпријатија „Комуналец“ и „Проаква“ имаше и независниот советник Петре Петрески – Калимеро, кој праша зошто тие се усвојуваат кога јавните претпријатија не можат да обезбедат личен доход за вработените.

Во дискусијата околу јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти и парткинг простор „Билјанини извори“, советникот Јоне Станкоски од ВМРО НП, запраша зошто ова претпријатие освен со еден, не стопанисува со останатите паркинзи во градот.

На ова следеше одговор од началникот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудов, кој објасни дека земјиштето на кое се наоѓаат паркинзите всушност е државно и дека во моментов е отпочната процедура за негово отстапување или давање во долгорочен закуп на општината.

Градоначалникот Александар Петрески, појасни дека градските паркинзи биле дадени под концесија од страна на претходниот Совет и дека договорите на концесионерите им истекуваат на крајот од 2009 година.

На денешната седница беа усвоени завршните сметки за сите училишта во општината и градинката „Јасна Ристеска“. Исто така беа усвоени и програмата за управување со отпад во 2009 година како и планот за управување со отпад во Општина Охрид во периодот 2009-2014 година. Притоа беше заклучено во планот за управување со отпад да бидат вградени сите забелешки од советот и тие да станат составен дел од него.

Ohridnews