Утре, 18 јуни, со почеток во 20 часот, во Култ Културен Центар во Охрид ќе биде изложбата на Принц Петар Дуганџиќ, уметник од БиХ, кој живее и создава во Хрватска. За музичкиот дел на вечерта ќе се погрижи охридскиот диџеј Мартино.

Принц Петар Дуганџиќ XXIII е интердисциплинарен уметник по потекло од Босна и Херцеговина, кој развил обемна меѓународна практика што опфаќа перформанс, сликарство, видео, дизајн, движење и создавање објекти.

Работејќи низ различни форми на изразување, тој негува спонтан и интуитивен уметнички јазик што им се спротивставува на цврсто утврдените категории. Неговите перформанси и интервенции се реализирани на бројни локации низ Европа и Азија, често како реакции на конкретниот простор и како ненјавени акции што ги замаглуваат границите помеѓу секојдневниот живот и уметничкиот гест.

Оваа изложба го продолжува неговото континуирано истражување на уметноста како отелотворен и трансформативен чин, каде што спонтаноста станува и метод и медиум, велат од Култ Културен Центар.

OhridNews