Селото Скребатно утре по втор пат ќе биде домаќин на манифестацијата  ,,Ѓомлезијада ”. Овој промотивен настан кој ќе се одржува на излетничкото место кај селската црква ,,Света Богородица” и годинава ќе има натпреварувачки карактер.

Според најавите, во подготовка на највкусното ѓомлезе,  ќе се натпреваруваат 25 професионални готвачи и домаќинки од Охридско, а посетителите кои ќе ја проследат манифестацијата ќе имаат можност да  пробаат од овој карактеристичен охридски специјалитет.
Од Општина Охрид неодамна изјавија дека размислуваат  селото Скребатно да го прогласат за традиционален домаќин на оваа манифестација.

-Она што го имаме како сумиран резултат од преходните три ѓомлезијади, како најдобро организирана и најпосетена, беше  ѓомлезијадата што се одржа во Скребатно во 2010 година. Генерално опфаќаме мал регион со рурални средини и сметаме дека делот во кој што спаѓаат крајбрежните села веќе има доволна циркулација на туристи и таму  не е потребна некоја поголема промоција, а во Скребатно имаше многу активно вклучување и самите мештани, а и просторот е многу соодветен, така што има  услов манифестацијата од година во година да добие пошироки рамери, велат од  Секторот за туризам и локален економски развој, при Општина Охрид.

Освен ѓомлезето, посетителите на Ѓомлезијадата ќе имаат можност да пробаат домашно подготвени сирења, јогурт и кисело млеко, како и домашна ракија и вино.

Првата Ѓомлезијада се одржа во 2009 година во селото Велестово, а минатата година ѓомлезе се подготвуваше во селото Лакочерај.

OhridNews