Во рамкина своите активности во делот на првата помош, Црвен крст Охрид утре, 5-ти мај, во периодот од 9-15 часот, под мотото „БИДИ ХЕРОЈ, УКАЖИ ПРВА ПОМОШ”, ќе го организира традиционалниот, 47-ми по ред, Општински натпревар по прва помош.
На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици-натпреварувачи од сите основни и средни училишта од Охрид и Дебарца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина.
И оваа година на општинскиот натпревар ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош. Во таа насока натпреварувачите, но и посетителите на оваа манифестација на повеЌе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот Св.Климент Охридски, продолжувајќи по градскиот кеј, ќе бидат сведоци на симулирани-реални случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи од Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст Охрид. За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите ќе се грижат 15 судии за прва помош на Црвен крст Охрид.
Присутните ќе имаат можност да видат и доколку сакаат, научат како правилно се укажува прва помош и да добијат бесплатни совети од инструкторите за прва помош.
OhridNews












