Утре, 18 јули, од 11 часот на пригодна свеченост во НУ Библиотека „Григор Прличев“ по неколку месечна адаптација ќе биде симболично отворена обновената „Прличева одаја“.

Обновениот мултифункционален простор како и досега и во иднина ќе биде место за промоции на книги и други настани сврзани со културата, но и секојдневието на граѓаните. Во него умешно е вграден и континуитетот на Библиотеката од изработената реплика на најстариот ракопис сопственост на установата Пчињското евангелие од крајот на XVI век, преку дел од оставината на Прличев, портретите на сите 17 досегашни директори на Библиотеката од 1945 година до денес, како и фотографии од старите објекти во кои функционираше Библиотеката и фотографии од Охрид кои будат посебна носталгија, информираат од Библиотеката.

Посочуваат дека утре ќе биде промовиран и новиот Каталог за Пчињското евангелие печатен на четири јазици, како и видеото за евангелието синхронизирано на пет јазици.

На овој начин установата се вклучува во развојот на културниот туризам и се вреди на мапата на објекти кои имаат нешто значајно и неодминливо за туристите, потенцираат.

Обновата на одајата и останатиот зафат финансиски беа покриени преку проекти финансирани од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.

На свеченоста ќе се обратат директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар, автор на каталогот за „Пчињското евангелие“ и носител на проектот за изработка на видео материјалот.

OhridNews