Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ утре ќе оствари средба со премиерот на Македонија Христијан Мицкоски во Охрид.

Според најавата од хрватската владина прес служба премиерот Пленковиќ ќе биде придружуван од вицепремиерот и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура Олег Бутковиќ, вицепремиерот и министер за одбрана Иван Анушиќ, министерот за економија Анте Шушњар и државниот секретар во Министерството за надворешни и европски работи Франо Матушиќ.

По пречекот на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, Мицкоски и Пленковиќ ќе имаат тет-а-тет средба, по што ќе следува состанок на двете делегации, како и потпишување договори за стратешка соработка.

Министерот за економија Анте Шушњар и министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска ќе потпишат Меморандумот за разбирање во областа на енергетиката меѓу Министерството за економија на Република Хрватска и Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси на Северна Република Македонија.

Потоа ќе следува Бизнис форум на кој обраќања ќе имаат двајцата премиери. Претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески, ќе им додели награда на премиерот Андреј Пленковиќ и премиерот Христијан Мицкоски за нивниот придонес во регионалната бизнис интеграција.

Поради престојот на премиерот на Република Хрватска во Охрид од СВР Охрид информираа дека ќе се извршат одредени измени на режимот на сообраќај во централното градско подрачје односно на бул. „Туристичка“, бул. „Св.Наум Охридски“ и Стар град. Воедно упатија апел сите учесници во сообраќајот да се придржуваат според измените на режимот на сообраќај.

Н.С.Ј.