Tрадиционалната хуманитарна спортско-рекреативна манифестација „За посреќно детство“ во организација на Црвен крст Охрид, а во партнерство со Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, ќе се реализира утре, на 19-ти септември, по 19-ти пат. ​

Целта на оваа манифестација, како што информираа организаторите на денешната прес конференција, е поттикнување и промовирање на спортскиот дух кај младите, промовирање на здрави животни навики, но секако и подигање на свеста за хуманост, солидарност и помагање онаму каде што е потребно.

​Учеството на оваа манифестација се обезбедува со купување на талонче или учеснички број кој чини 50 денари. Средствата собрани со продажба на овие талончиња ќе бидат искористени за деца од социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца на кои им е потребна помош. Секој кој ќе купи учеснички број ќе има можност да учествува на разните спортски игри кои се во организација на Црвен крст Охрид. Тоа ќе биде најпрво трката која ќе има ревијален карактер, а понатаму ракомет, фудбал, шах, пинг-понг, вртење хулахоп, скокање со јаже и слично. ​Исто така, секој кој ќе има учеснички број станува и потенцијален добитник на некоја од наградите чие извлекување ќе биде во втората половина на октомври. ​Акцијата „За посреќно детство“ утре ќе започне во 11 часот со ревијалната трка, симболична трка, што ќе се случува од хотел „Палас“ па до Домот на култура „Григор Прличев“, каде тие коишто ќе пристигнат до целта ќе добијат симболични награди од нашиот партнер Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, вели претседателката на Црвен крст Охрид, Весна Терзиоска.

Понатаму, посочува, спортот, забавата и дружењето продолжува на градскиот плоштад каде ќе има пунктови со различни спортски игри.

Исто ќе имаме учество на членови од фестивалот „Распеано рибарче“ и многу други активности коишто ќе поттикнат забава, дружење и како што кажав рекреација за најмладите. ​Сакаме да се заблагодариме до нашиот традиционален партнер Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, „Виа Фарма“ аптеките и до сите други помагатели, спонзори и локално општествено одговорни фирми и лица кои навистина дадоа свој придонес се со цел оваа наша традиционална манифестација да продолжи, да опстојува и да ги поттикнуваме младите на едни здрави животни стилови, но секако и на хуманост, додаде Терзиоска.

Како и секоја година, така и годинава Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, како еден репрезент на здравиот начин на живот, заедно со Црвен крст Охрид обезбедува награди и подароци за учесниците на овој прекрасен настан, заедно со нашите партнери аптеки „Виа Фарм“ и „Корапрокс“, истакна Магдалена Блажеска од Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.

​Покрај наградите, загарантирано имаме и одлична забава за најмалите учесници на настанот и најмалите посетители и гости (незадолжително учесници), па затоа ве покануваме утре на градскиот плоштад сите да уживаме во оваа прекрасна сабота што ќе ни претстои, додаде Блажеска.

Драго ми е што и младите волонтери на Црвениот крст во Охрид добиваме прилика и преку овој настан да сме директно вклучени во организација и реализација на активностите на младите, вели Иво Георгиески.

За нас овој традиционален настан „За посреќно детство“ не претставува само еднодневен настан, туку можност децата да поминат време исполнето со игра, дружба и позитивна енергија, но и ние како млади волонтери да вратиме во заедницата која живееме. На самиот настан подготвивме различни активности преку кои децата ќе можат ќе можат да се забавуваат, да се дружат и да бидат активни. За учество на овие активности потребно е секое дете да си купи свој учеснички број кои ќе се продаваат и на самиот ден. ​Ја користам оваа прилика да ги повикам сите деца и родители од Охрид и Дбарца да дојдат на градскиот плоштад утре во 11 часот и заедно да создадеме едно навистина посреќно детство, додаде Георгиески.

Со поддршка на традиционалниот партнер и останатите помагатели и општествено одговорни фирми и поединци организаторите најавуваат за следното 20-годишно јубилејно издание на манифестацијата многу изненадувања и нова форма и содржина.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска