Увидот извршен од овластен градежен инспектор од општината и државен инспектор за животна средина, не откри кој врши градежни работи на езерското крајбрежје во Далјан.

Државниот инспектор за животна средина Игор Трајкоски, вели дека за време на заедничкиот увид, на лице место не била затекната механизација. Посочува дека на просторот била истурена земја од друга локација, најверојатно од градежен ископ, која потоа била рамнета. Додава дека се работи за градежни активности, за што надлежност има општинската градежна инспекција.

Од Општина Охрид, пак,  информираат дека чекаат истражните органи да утврдат кој стои зад овие активности, за да можат да поднесат соодветна пријава.

На местото на настанот излегле и полициски инспектори. Истрагата се уште трае, вели портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Се преземаат активности на терен. Во координација со општинскиот инспекторат се прибираат докази и доколку се утврди одговорност на одредено правно или физичко лице, ќе биде поднесена соодветна пријава. – истакна Димовски.

OhridNews пред три дена информираше дека во населбата Далјан, на потегот од новиот комплекс згради и старскиот дом во изградба кон Извидничкото одморалиште, тешка градежна механизација насипува земја и шут во Охридското Езеро. Кој и со која цел презел градежни активности на крајбрежјето од заштитеното Охридско Езеро, засега останува непознато.

Г.М.

Инспекциските служби на терен, се истражува кој гради насип во Охридското Езеро 

Што и зошто се насипува во водите на Охридското Езеро во Далјан?