Валандовскиот патувачки културен караван во среда ќе биде во Охрид во библиотеката „Григор Прличев“ со почеток од 12.00 часот. Како што информираат од Библиотеката, преку манифестацијата целта е да се зборува за валандовската култура надвор од Валандово, додавајќи дека во програмата ќе бидат вклучени неколку активности.

Ќе биде отворена изложба на слики „Старо Валандово низ текот на 20 век“. Посетителите ќе имаат можност старата приказна за Валандово да ја доживееат преку фотографија и ќе можат да видат многу значајни кадри за животот на луѓето во Валандово од тој период. Ќе биде изложена дел од роднокрајната книжевна збирка која што се чува во Библиотеката „Гоце Делчев“ при Домот на културата, посочуваат.

Покрај сите други останати творци, писатели и локалци кои што направиле или прават обид за пишување, на манифестацијата, додаваат, ќе биде претставено творештвото на тројцата најплодни роднокрајни автори Костадин Кајдамов, Апостол Поп Јовановски и Мирчо Карамучев.

Исто така, посетителите ќе имаат можност да дегустираат локална традиционална храна и локални производи кои што ќе бидат изложени и претставени на манифестацијата.

Автор на проектот е Станка Бајлозова-Барламова, дипломиран книжевник и вработена во Домот на културата „25 Мај“, Валандово во областа на литературната дејност. Учесник во проектот во делот претставување на роднокрајната збирка е Љилијана Нанова, долгогодишен библиотекар во Библиотеката „Гоце Делчев“ при Домот на културата, а вклучен е и в.д. директор Виктор Давчев.

Проектот е финансиран и поддржан од страна на Министерството за култура и туризам.

OhridNews