Празникот Василица претставува еден спој меѓу предхристијанската и христијанската традиција. Се палат огнови, се маскираат учесниците, се играат ора и драмски игри.

Празникот се паѓа во т.н. Некрстени денови – меѓу Божик и Водици, кога Исус не бил сеуште крстен, Богородица била леунка и кога ѓаволот царувал, мачел, лажел да не се крсти за да не се исполни волјата Божја. Во народот постои верување дека во тие 12 дена мртвите шетаат по земјата, но шетаат и разни натприродни битија: вампири, караконџоли, самовили, вештерки и други нечисти сили кои сакаат да му напакостат на човекот. За да се заштити од овие демони човекот избегнувал тешка работа, но и се изведувале и разни магиски дејства. Со помош на магиските дејства требало да се обезбеди среќа и напредок на луѓето и стоката и богат род на посевите во текот на целата година. Природата е замрена, заспана, денот е кус во овој зимски период. Се палеле огнови – со помош на имитативна магија  да се засили Сонцето, да се зголеми денот, но и да се истераат лошите сили и да се заштитат луѓето, посевите и стоката. Значи огнот има и лустративна ( прочистувачка ) и апотропејска ( заштитна ) улога.

Традиционалните Василичарски огнови можат да се забележат и вечерва низ бројните маала во Охрид, околу кои во весело расположение, со топла ракија, вино и скара се слави Старата Нова година и Василица.

OhridNews