Со настап на вокалистката Евгенија Здравевска (Зарина Првасевда) и Александар Петров како специјална придружба на тапан, вечерва, во 21 часот пред чешмата во Велестово ќе почне 31-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“. Програмата ќе ја води Марина Димовска.

Годинешното издание на манифестацијата е посветено на поезијата на Иван Џепароски, а за неговото поетско творештво ќе беседи проф. д-р Наташа Аврамоска. Стиховите ќе ги интерпретира актерот Владимир Јачев.

Поетот Џепароски изрази задоволство што е дел од плејадата поети, македонски автори кои биле во низата врзана за врвните вредности на македонската поезија.
  • Да се биде навечер во Велестово за секого, поет или обичен човек кој ја сака природата и љуби убавината, е прекрасно чувство, оттаму што таму како никаде на друго место може да се почувствува естетичката категорија возвишеност. Не поради фактот што Велестово се наоѓа на високо место, туку дека поезијата не издигнува во естетско доживување од поврзаноста на уметностите како што се поезијата, книжевноста, сликарството. Сестринските уметности таму настапуваат многу успешно, а тука се и музите да им помогнат на поетите да ги создадат нивните идни творби, рече поетот Џепароски.

Во 22.00 часот во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ ќе биде отворена изложбата на академскиот сликар Воскресија Андреевска.

На 17-ти август од 12.00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе се одржи настанот „Поезија напладне“ посветен на творештвото на Поли Муканова од Бугарија, а модератор ќе биде Зоран Јакимоски. Истиот ден од 19.30 часот во Кафе бар „Шила“ во Охрид ќе биде одржана и промоцијата на стихозбирката „Жалба до Музата“ од Џери Марфи (Република Ирска), избор и препев на Јулијана Величковска, а во издание на ПНВ Публикации од Скопје. Промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев, а стиховите на македонски ќе ги чита актерот Јован Цветкоски.

  • Манифестацијата смело влегува во четвртата деценија од своето постоење. Се надеваме дека ќе не има уште долго и натаму да придонесуваме за афирмација на македонската поезија, култура, истакна на денешната прес-конференција Јулијана Величковска од организацискиот одбор на „Поетска ноќ во Велестово“.

На 18-ти август од 20.30 часот во Куќата на Уранија, МАНУ  во соработка со Фондација „Славко Јаневски“ ќе биде претставен добитникот на наградата „Роман на годината“ за 2018, Николина Андова Шопова и романот „Некој бил тука“.

OhridNews