Со концерт на оперската дива, Барбара Фритоли и на еден од најголемите светски баритони Лео Нучи вечерва ќе биде отворено 54. издание на фестивалот Охридско лето. Овие врвни италјански уметници на сцената на Античкиот театар ќе бидат придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Луис Горелик од Аргентина.

На програмата ќе бидат дела на еден од најпознатите италјански композитори Џузепе Верди.

-Ќе изведуваме познати арии од „Травијата“, „Моќта на судбината“, „Дон Карло“ и од други дела на Верди. Ова ми е прв пат да настапувам на отворана сцена и затоа сум многу возбудена, изјави певицата Барбара Фритоли.

Таа изрази жалење што веднаш по настапот ќе мора да заминат од Македонија и нема да ги видат убавините на Охрид.

-Имавме голема чест да се запознаеме со претседателот на Република Македонија Горѓе Иванов кој ни раскажа за убавините со кои располага овој град. Ние би сакале да ги видиме сите нив, но за жал веднаш по концертот ќе мора да заминеме, така што се надевам дека во некоја наредна прилика повторно ќе имаме можност да го посетиме Охрид, рече Фритоли.

Лео Нучи на публиката и вети спектакуларен концерт кој ќе изобилува со емоции.

-Јас пеам за да и пренесам на публиката емоции, бидејќи тоа е најважно на еден концерт. Македонската публика е нова публика за мене и се радувам што настапувам тука. Се надевам дека и временските услови ќе бидат на наша страна, рече Нучи.

Диригентот Луис Горелик истакна дека му претставува огромна чест и задоволство што е дел од овој голем музички фестивал и тоа што соработува со Македонската филхармонија.

-Веќе имавме неколку проби со Македонската филхармонија, која е еден исклучителен оркестар, кој многу добро соработува и има голем ентузијазам. Работејќи со нив се чувствував како дома. На фестивалската публика која ќе го проследи нашиот настап ќе и понудиме една гала лирика на која ќе имаат можност да ги слушнат повеќето арии од Верди, во чест на 200- годишнината од неговото раѓање, изјави Горелик.

Инаку на вчерашниот свечен коктел кој го приреди управата на Охридско лето, беше промовиран и рекламниот материјал на овогодинешното фестивалско издание кој го носи симболот „Light of the art“, инспириран од новите покривни конструкции на сцените во Античкиот театар и Долни Сарај.

OhridNews