Фестивалот „Вдиши театар“ вечерва ја спушта завесата со претставата „Жени се, сине!“ на Црвен крст Суботица, која ќе се изведе во предворјето на црквата „Света Софија“ во 20:30 часот.
Низ смеа и препознатливи животни ситуации, претставата ја следи потрагата по среќа во свет оптоварен со долгови, потрошувачки навики и наметнати трендови. На духовит начин се критикува современото потрошувачко општество, каде осаменоста и проблемите често се прикриваат зад лажен сјај. Влезот е слободен, а пораката е едноставна, но силна: да се вратиме кон автентичноста, чесната работа и прифаќањето на другите такви какви што се, велат од Црвен крст Охрид.

Најпрво во НУЦК „Григор Прличев“ настапи театарската група на Црвен крст Крагуевац со претставата „Трибина, куфер, бабушка и поет“, составена од четири животни приказни што зборуваат за стравовите, надежите, загубите, желбите и внатрешните борби кои секој човек ги носи во себе. Преку ликот на поетот, куферите исполнети со спомени, девојката која никогаш не ја почувствувала мајчината прегратка и младата кошаркарка чиј сон е прекинат од повреда, претставата ја отвори темата за животот во неговата најискрена форма. Со одличен текст, впечатлива атмосфера и сценско движење надополнето со снимени гласови, актерите создадоа емотивно патување кое потсети дека човекот вистински живее сè додека умее да се восхитува, да сака и да се надева.

Со вечерашната претстава „Жени се, сине!“ ќе биде затворено овогодинешното издание на фестивалот „Вдиши театар“, кој и оваа година покажа дека театарот е простор каде се среќаваат различните приказни, а човечноста секогаш останува во центарот на сцената.
OhridNews












