Партијата на обединетите пензионери  ПОПГМ, денеска во Охрид организираше трибина, а на посебна седница избра раководство за Охрид. Претседателската функција на огранокот на ПОПГМ за општина Охрид му е доверена на новинарот во пензија, публицист и политички аналитичар Веле Митаноски, а потпретседателската на Виолета Велјаноска, познат активист од Охрид.

– Нашата татковина само што се врати назад од последната стапка-пред понорот.Се вратија и надежите дека ќе не биде, се врати оптимизмот, сеуште – претпазлив, затоа што  долг е процесот и не е лесен патот што треба да се изоди – од заробена држава, до слободно општество и демократија.Без разлика на годините, здравствена и физичка кондиција, немаме право на молк, сеирџиство, неутраленост – во ладна заветрина. Секој од нас, треба да биде промената што ја сака и очекува да ја види во својата татковина – рече Митаноски.

Инаку на трибината  ПОПГМ дебатираше за актуелните состојби во земјата. Повозрасните, загрижените за иднината на своите деца и внуци – од средната генерација, граѓани на Охрид но и на други градови, слушаа и даваа мислења, во разговор со двајца македонски генерали во пензија, Илија Николовски – пратеник  и претседател на партијата и Филип Котели, охриѓанец, претседателот на Сојузот на здруженијата на ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија. 

– Излезот, реафирмацијата на нашата држава, дома, во опкружувањето и на поширок меѓународен план, зависат од сите нас. Ние од средната генерација, ги повикуваме младите, да ни се придружат, да ги споиме искуството и мудроста со младоста и ентузијазмот. Во делот на зачувувањето на целовитоста и интегритетот на земјата, со искуството на сите поранешни припадници, денес здружени како ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија. Во делот на политичкото организирање, сега, веќе, и преку парламентот, како дел од парламентарното мнозинство и владината коалиција. Очекуваме и веруваме, дека од вечерва, Охрид, како град, со сиот интелектуален капацитет, силно ќе ги поттикне и збогати нашите активности – рече Николовски.

Пензионираниот генерал Филип Котели, нагласи дека во овој актуелен момент, мирот, безбедноста и взаемното почитување и разбирање, се од животна важност, не само за граѓаните во нашата земја, туку и во соседството и регионот.Не случајно една од нашите средишни активности се нарекува “Чекори за мир”, а нашето членство, е пример како треба да се соработува со сличните асоцијации од соседството. 

OhridNews