Спортот во Македонија никогаш не бил на толку ниско рамниште. Нашите национални селекции, во изминативе пет години, немаат никаков позабележителен резултат во меѓународните натпреварувања, истакна на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од СДСМ, Митре Велјаноски.


– Новата Влада на СДСМ ќе го ресетира спортот во Македонија. Ќе го зголеми бројот на активни спортисти во државата, нема да троши пари на експерименти од типот: игралишта за хохеј и скијачки скокалници, а паралелно со тоа понижување на врвните спортови. Финансиските средства за спортот ќе се зголемат за десет пати повеќе од досегашното ниво, a Агенцијата за млади и спорт нема повеќе  да биде “Градежна фирма“, туку мотор за промоција на врвниот и масовниот спорт, рече Велјаноски.

Тој, меѓу другото, кажа дека приоритет на новата Влада ќе биде и обезбедување статус на дејноста спорт и на спортистите, стабилни извори на финансирање на спортот од централниот и локалниот буџет и можност за директна поддршка на спортот со средства од стопанството.

– Ќе го укинеме Јавното претпријатие за спортски објекти и ќе ги поделиме објектите помеѓу локалната и централната власт, ќе градиме нови современи објекти за спорт, со поставување на вистински модел на училиштен и студентски спорт ќе го зголемиме бројот на ученици и студенти коишто спортуваат, ќе ги подобриме условите за спортување на учениците, студентите и лицата со посебни потреби, почнувајќи од обезбедување пристап до објектите со 24- часовно користење. Процентот на граѓани кои спортуваат ќе го зголемиме од денешните 2% на 20% од населението, нагласи Велјаноски.

OhridNews