Со концерт на македонската група „Љубојна“ и настап на музичкото дуо Мицевски и Пејчиноски, во ресторанот „Виа Игнација“ свечено беше отворено 16. издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, која и годинава ги собра во Вевчани еминентни ликовни уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и Украина.
Колонијата, која ќе трае до 6 јули, повеќе од една и пол деценија претставува еден од најпрепознатливите културни настани во регионот, промовирајќи ја ликовната уметност, културната размена и создавањето трајни пријателства меѓу автори од различни земји и генерации.
Годинава сме домаќини на 16 уметници од Романија, Полска, Украина, Србија и Македонија, кои во наредните десет дена ќе творат во прекрасниот вевчански регион. Покрај работниот дел, предвидени се и екскурзии до повеќе знаменитости за тие подобро да ја запознаат нашата земја“, истакна организаторката Ефимија Угриновска Кукоска.
Таа нагласи дека токму природните убавини, водата, чистиот воздух и препознатливата архитектура на Вевчани се неисцрпен извор на инспирација за уметниците.
Темата е слободна, а инспирацијата е насекаде околу нив. Вевчани има привилегија 365 дена во годината да има отворена галерија со делата создадени на колонијата. Годинава дел од таа колекција беше претставена во Њујорк, а веќе наесен планираме изложба и во Отава, додека продолжуваме со промоции и во Македонија, рече Угриновска Кукоска.
Во текот на десетдневниот престој, уметниците ќе создаваат дела инспирирани од природата, традицијата, архитектурата и богатото културно наследство на Вевчани, кои потоа ќе станат дел од колекцијата на колонијата. Професорот и поранешен декан на Факултетот за ликовни уметности, Зоран Јакимовски, кој по третпат учествува на колонијата, вели дека „Вевчански видувања“ е една од неговите омилени ликовни колонии.
Сум бил на многу колонии, но оваа има посебна атмосфера. Една моја слика беше изложена во Њујорк како дел од колекцијата на колонијата. Делото што беше изложено на отворањето ја претставува архитектурата на Вевчани, но не како реалистичен приказ, туку како лична интерпретација во која се испреплетуваат природата, виорот на ветерот, отпорноста и гостопримството на вевчанци. Тоа е чувство што тешко може да се раскаже, мора да се доживее, рече Јакимовски.
Тој оцени дека ваквите колонии имаат огромно значење за младите автори.
Како студент многу научив на ликовните колонии од постарите колеги. Истото можат да го добијат и младите што денес доаѓаат овде – искуство, знаење и инспирација, доколку се подготвени да учат, додаде Јакимовски.
Редовен учесник на колонијата е и ликовниот уметник Петар Попчев, кој годинава по шеснаесетти пат твори во Вевчани.
Секоја година мислите дека ќе биде исто, но никогаш не е. Секогаш чувствувам некоја необјаснива возбуда кога доаѓам во Вевчани. Овде се најголемите домаќини во Македонија. Секојпат сликам различно, иако мојот стил останува препознатлив. Не правам однапред план што ќе создадам – ја следам инспирацијата. Ме инспирираат рибите, особено пастрмката, а бидејќи потекнувам од ова поднебје, апстракцијата едноставно ми е во крвта и ми дава целосна слобода, истакна Попчев.
Годинашното издание на „Вевчански видувања“ посебен акцент става и на поддршката на младите автори преку проектот за млади сликари што се реализира во рамки на платформата „ШП-арт“ на Шпаркасе Банка. Во програмата е вклучена и четвртата Детска ликовна школа под раководство на професорката Марјана Костојчиноска Узунчева.
Со богата меѓународна програма, поддршка на младите таленти и афирмација на современото ликовно творештво, Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ продолжува да ја исполнува својата мисија, да биде место каде што уметноста ги поврзува луѓето и културите, а Вевчани го потврдува својот статус на еден од најзначајните културни центри во земјата и пошироко.
OhridNews
















