Катедралната црква Св. Софија и Самуиловите тврдини во Охрид синоќа еден час беа исклучени од осветлувањето, како дел од глобалната акција „Час на планетата Земја“ која се реализираше во илјадници градови во 178 земји од светот.
Глобалната организација на Часот на планетата Земја објави специјална фотографија направена на Водно во Скопје, на која пишува #EarthHourMK, која беше прогласена за најубава слика направена за акцијата низ цел свет.
Исто така, беше направена и посебна видео компилација за акцијата во Македонија со инсерти од исклучувањата во Скопје и Охрид, но и со дел од малите дечиња – поддржувачи на акцијата од нашата земја, кои на англиски јазик порачаа:„Промени ги климатските промени!“ и „Заблескај светлина на климатските промени!“
– „Македонија вчеравечер покажа дека ја има моќта да направи промена. Скопје и Охрид уште еднаш се вклучија во фамилијата на големи светски метрополи кои го одбележаа Часот на планетата Земја. Во нашиот медиа центар пристигнаа голем број на фотографии и видеа од одбележувањето на Часот на планетата Земја низ целата Република и сме навистина среќни што охрабривме толку голем број на луѓе да ги исклучат светилките во своите домови! Ова немаше да биде успешно без поддршката на Градот Скопје, Градот Охрид и Црвениот крст на Република Македонија. – изјави Ѓорги Селков, главен организатор на акцијата во Македонија.
Инаку, оваа глобална акција ја признава и ја промовира Македонија под нејзиното уставно име.
OhridNews