Охрид и Струга се се’ поатрактивни за туристите кои практикуваат адреналински спортови. Се поголем е интересот за летање со параглајдер во тандем со лиценциран инструктор, а бројот на туристи кои сакаат да уживаат во убавините на Охридското Езеро од птичја перспектива е во пораст.

-Од година во година се повеќе туристи се заинтересирани за овој вид на спорт, односно алтернативен туризам. Ние пред четири години започнавме со стотина лета, а таа бројка се повеќе расте и има голем интерес за летање од Галичица. – изјави Сашо Смилевски од параглајдинг клубот „Вертиго“ од Скопје.

Овој параглајдинг клуб во лето функционира на плажата „Куба Либре“. Сите заинтересирани таму можат да ги најдат обучените инструктори за летање со параглајдинг во двојка и да пробаат ново искуство.

-Ние имаме подготвено неколку маршути, едната е овде над Охрид на 1300 метри, другата е над Трпејца на 1600 метри, а последно време се повеќе интерес има за летање во струшкиот регион. Таму полетуваме на 1600 метри на планината Јабланица, од местото викано Три Шилка и се слетува во близината на Струга. – вели Смилевски.


Сашо Смилевски – параглајдинг клуб „Вертиго“

Смилевски уверува дека иако се работи за опасен спорт, летањето со параглајдер во тандем е безбедно.

-Сите пилоти имаат долгогодишно искуство и користиме една од најбезбедните опреми произведени во Швајцарија и Австрија и со самото тоа се гарантира безбедноста на самите летачи. До сега не се случил никаков инцидент, освен по некоја гребаница на стартот, што навистина е ништо за спорт за кој се смета дека е многу опасен, но всушност е безбеден.-објаснува Смилевски.

Лимит за летање нема. Со дозвола од родител може да летаат во тандем со инструктор и деца од 16-18 години, а старосна граница не постои. „Секој кој се чувствува „млад“ и подготвен и сака да го вкуси адреналинот, може да дојде.“-додава  Сашо Смилевски од параглајдинг клубот „Вертиго“.

Г.М.