Голем број куќи и деловни простории се под вода поради излевање на реките Коселска и Грашница и каналите во населбите Воска, Лескајца и Далјан. Под вода се и земјоделски површини во Орман и Лакочереј.

– По надоаѓањето на Скребатска и Коселска река кај Алтанин мост дојде до прелевање и наместо во Далјан таа вода премина во реката Грашница и тука настана проблемот, затоа што каналите изградени во градот не можеа да ја прифатат надојдената вода, ни изјави Емин Селман од Фондот за комунален развој – Охрид. Тој истакна дека локалниот Кризен штаб како и екипи на јавните претпријатија се на терен и работат на санирање на состојбите.


Голем број граѓани од наслебата Воска денеска ги напуштија своите домови. Водата покрај подрумските простории им ги поплави и приземјата, при што е передизвикана поголема материјална штета. Точната висина на штетите ќе ја утврдува посебна комисија која како што дознаваме уште денеска ќе излезе на терен.

Најкритична е ситуацијата долж течението на Коселска Река, на потегот од Прентов Мост со до Алтанин Мост и вливот на реката во Охридското Езеро. Најзагрозени се имотите на граѓаните на селото Опеница, каде водите од Коселска река поплавија илјадници метри квадратни обработени површини, но и неколку станбени куќи, како и хотелот „Момир“ лоциран непосредно до реката.


Излевање на водите од Коселска Река има и во атарот на селото Косел, каде под вода се обработливи површини, посеви, овоштарници, како и поплавени земјоделски пластеници и површини под житни култури во селото Орман.Поплавени површини има и долж течението на Велмешка Река која е притока на реката Сатеска. Најкритична е ситуацијата кај селото Долно Средорече во атарот на општина Дебрца, каде на неколку места е забележано излевање на надојдените води од речното корито.

Екипи на Центарот за управување со кризи од Охрид се на терен и се вршат проценки на обемот на поплавите, додека на најкритичните точки долж реките во Охрид се испратени екипи со механизација кои интервенираат со отварање пропусти за истек на надојдената вода.


Охриѓани велат дека вакви поплави не паметат од 1962 година кога исто така се излеале реките и каналите во градот и неговата околина.

Ohridnews