Со помош на воздушни балони и ремени, експертите од специјализираната компанија „Дубина“ од Хрватска за само неколку часа го подигнаа бродот Илинден од дното и го извлекоа на површината на Охридското Езеро. Откако беше испумпана водата од трупот на бродот кој 15 дена лежеше на длабочина од 6 метри, со помош на мал полициски брод беше донесен во каналот Студенчишта каде врз него ќе биде извршено вештачење. Бродот Илинден на 5-ти септември потона во водите на Охридското Езеро на околу 300 метри од авто-кампот Елешец. Во несреќата животот го загубија петнаесет бугарски туристи. Причините за трагедијата треба да ги открие истрагата по деталната проверка на бродот.