До 10 јули да биде приспособена за сообраќај делницата од Охрид до Подмоље очекува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по денешниот увид на терен каде се одвиваат градежните активности, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Очекувам по тоа што го разговаравме до 10 јули, дури правиме и притисок и пред тоа да завршат градежните активности во овој дел, за потоа да почнеме со последната фаза поставување на еластични огради и одобрување на времениот режим. Тоа што е важно е дека до 10 јули ќе биде оспособена оваа трака и ќе се вози по овој дел од автопатската делница и сметам дека за ударниот, главен дел од туристичката сезона ќе биде оспособена оваа траса и убеден сум дека тоа е од значење за граѓаните, градот и туризмот и сметам дека сите треба да дадеме поддршка за еден ваков прогрес и работа на терен, рече министерот Бочварски.

Се ова што го правиме, вели Бочварски, е за развој на туризмот и изрази вуверување дека граѓаните ќе имаат разбирање и ќе дадат поддршка бидејќи по завршување на овие градежни работи веќе влезот на Охрид и оваа делница ќе се вози по автопатско решение.

Главната  поддршка за реализација на овој проект треба да дојде токму од Општина Охрид. Ние како Влада сме реализирале многу проекти во Охрид независно која политичка партија е на власт, најголемиот проект во мандатот на сегашниот градоначалник на Охрид е улицата „Македонски Просветители“ што е инвестиција на Минситерството за транспорт и врски и на Владата. Не видов тогаш коментар од градоначалникот дека со реализацијата на тој проект се подобруваат условите за развој на туризмот, а сега кога излегуваме на терен со механизација да го решиме проблемот затекнат од минатото, гледам коментари и критики во јавноста. Сметам дека е некоректно, поддршката треба да дојде пред се од градоначалникот, општината и граѓаните, додаде Бочварски.

Тој потсети дека реализирани биле бројни координации, состаноци со 15 институции за да се решат сите проблеми во проектот на автопатот Охрид – Кичево, да се репроектират косините, да се проектираат клучките, да се решат сите експропријации…за конечно повторно да се работи на овој проект.

 

Оние кои го направиле проблемот во минатото со отпочнување на изградбата на овој автопат на таков начин, сега критикуваат. Сметам дека ние сме тие кои ги решиле проблемите и сме тука да направиме увид, да направиме дополнителен притисок со цел градежната механизација да продолжи со работа и да се пушти автопатот за сообраќај, рече Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми истакна дека како ЈП за државни патишта требале да проектираат 72 проекти, клучки кои не биле проектирани, се што требало за да се надминат сите имотно правни проблеми и експропријации.

Сега вршиме големи напори да имаме поголема динамика на градежните работи и очекуваме до 10 јули да го завршиме овој дел од Подмоље до Охрид. Вршиме големи напори, а во очекување сме и на набавка на еластична ограда и ако успееме да ја обезбедиме тогаш до 10 јули можеме да ги пуштиме двете ленти на овој потег. Правиме големи напори бидејќи требаше да се проектира нов проект и за еластична ограда, како што беше потребно проектирање на сите други проекти. Изведувачот треба да ја спроведе процедурата за набавка на еластична ограда и сме во контакт со изведувачот, подизведувачот и надзорот и вршиме големи напори да обезбедиме и еластична ограда и истата да биде монтирана, Рустеми.

Уверуваат дека со оглед дека се надминати сите проблеми долж трасата ќе биде запазен зададениот рок за изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

Правиме големи напори и даваме се од себе да се запази рокот за изградба на автопатот до 31 декември 2023, додаде Рустеми.

Бочварски очекува до 10 јули да биде приспособена за сообраќај делницата Подмоље-Охрид

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска

видео. Б. Стојаноски.