Изворите на Св. Наум блеснаа во новогодишно руво.

Дваесеттина нуркачи од клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид, засилени со колеги од нуркачкиот клуб „Пена“ од Тетово, денеска поставија новогодишна елка во бистрите води на изворите на Дрим.

И оваа година акцијата беше посветена на лицата со реки болести.

Подводните „дедомразовци“ пристигнаа во Св. Наум со бродот „Александрија“’. Попатно израдуваа десеттина дечиња со новогодишни подароци, а со поддршка на специјализираната компанија за подигање отпад „Нула отпад“ и ресторанот „Острово“ реализираа еколошка акција за чистење на дното од заштитените извори во Св. Наум, упатувајќи силна порака дека треба и мора многу подговорно да се однесуваме кон природата.

Пораката е јасна. Сите треба да се однесуваме повнимателно и да ја чуваме животната средина. На граѓаните на нашата земја, пак, им посакуваме среќни празници и добро здравје во Новата година. – истакнаа во заедничката порака учесниците во акцијата.

Клубот за подводни дејности „Охрид“ во кој членуваат нуркачи од сите генерации, повеќе од три децении е пример за општествена одговорност. Клубот е неодминлив дел од бројни еколошки акции, кои членовите ги реализираат волонтерски, поради што уживаат исклучителна почит во заедницата.

Фото Галерија: 

Изворите на Св. Наум празнично блеснаа

Г. Момироски
Фото: А. Момироска