Во присустви на пријатели, колеги музичари и обожаватели, синоќа во Кадмо бар беше промовиран видео спотот за новата песна „Биди тука“ на популарниот охридски бенд „Броз“.

Песната зборува за љубовта и носи порака за малку подзаборавените животни вредности. Автори на  песната се членовите на бендот „Броз“, аранжманот е на Јован Куциноски, електрична гитара свири Димитри Алчев, бас гитара Јане Тодороски, додека аудио мастерингот го направи Борче Кузмановски.

Во денешно време се изгубени вредностите на љубов, чесност, се некако се врти околу материјалното, се е  фрлено на пари, корист и личен интерес. Во песната се зборува за љубовта, како вистинска вредност која ги исполнува луѓето и им причинува среќа наспроти трката по материјални вредности кои ги оттуѓуват луѓето. – вели Владимир Сарафилоски, вокал и еден од авторите на текстот.

Песната и видео спотот за неа ги сними продукцијата “Motion Emotion” на Јован Куциноски, кој го режираше видеото. Спотот кој ексклузивно можете да го погледнете на OhridNews, се снимаше ова лето на повеќе локации во Охрид.

Работата со Брозовци беше многу пријатна и лесна. Тие се екипа од четири различни карактери но имаат една многу убава заедничка особина, а тоа е што сите сакаат добро да се забавуваат. Спотот е сниман на неколку локации низ Охрид, целта беше да делува свежо и урбано. – изјави режисерот Јован Куциноски.

Бендот „Броз“ го сочинуваат: Владимир Сарафилоски – вокал, Климент Наневски – гитара, Христијан Томевски – гитара и Александар Труфуноски – кахон. Ова е нивна втора авторска песна по „Каде ми си ти“, која беше промовирана минатата година. „Броз“ ова лето се пребукирани од настапи во клубови, плажи и барови на ривиерата, но момците од бендот велат дека ќе продолжат да работат и на авторски проекти.

Г.М.
Фото: А. Момироска

Фото галерија: