Вознемиреност владее меѓу граѓаните на Охрид кои две недели живеат во страв од серијата земјотреси кои го тресат градот во различни периоди од денот. Најсилниот земјотрес се случи денеска во 1часот и 18 минути со јачина од 5.1 степен според Рихтер. Епицентарот бил на 5 километри североисточно од селото Косел на длабочина од 5 километри. На овој земјотрес му претходеше уште еден силен потрес во 3.54 со јачина од 3.7 степени по Рихтер.
–Седевме во дворот со комшиите и скокнавме да бегаме. И ноќеска исто го сетив земјотресот во 3.54 точно. Се уплашивме. – изјави повозрасна жителка на Охрид.
Освен паника меѓу населението, земјотресот предизвика и оштетувања на објекти, кои граѓаните во поголем број попладнево ги пријавуваат на бројот 195 на Центарот за управување со кризи – ЦУК. Пријавени биле оштетувања на фасади, покриви, внатрешност на објекти, но и паднати болјери, рафтови од продавници, балкони и оџаци на постари куќи.
Од ЦУК упатуваат апел до граѓаните да ја задржат присебноста и внимателно да реагираат при земјотрес за да не дојде до несакани последици.
-Да не се паничи, да не се излегува брзоплето од објектите бидејќи може да дојде до самоповредување. Граѓаните треба да се заштитат од паѓање на полици и предмети кои се на поголема висина. – велат од ЦУК.
Г.М.













