Претставници на локалната самоуправа, на Институтот за земјотресно инжинерство од Скопје (ИЗИС) и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, вечерва одржаа кооединативен состанок во зградата на општината со цел да ги договорат мерките кои институциите ќе ги преземат во насока на смирување на граѓаните кои сериозно се загрижени за својата безбедност по серијата земјотреси кои го тресат Охрид повеќе од две недели.
На средбата стручњаците истакнаа дека земјотрес со јачина од околу 5 степени според Рихтер бил очекуван во охридското сеизмичко подрачје, посочувајќи дека од последниот таков потрес поминале нешто повеќе од 100 години. Последниот силен земјотрес во Охридско се случил во 1911 година кој бил со магнитуда поголема од 6 степени по Рихтер. Стручњаците упатија смирувачки пораки до граѓаните советувајќи да останат присебни и да не паничат бидејќи објектите кои се градени по 1964 година во земјава и кои ги почитувале одредбите од законите за градба можат да издржат посилни потреси од вчерашниот кој беше со интензитет од 5 степени по Рихтер.
Сепак вознемиреноста кај охриѓани е голема, дотолку повеќе што од 18ти јуни до денес во охридското подрачје се регистрирани над 1000 потреси, од кои најсилниот беше со магнитуда од 5 степени по Рихтер. Дел од нив ноќта решија да ја минат на отворено и покрај советите на стручњаците дека нема простор за паника и дека не се очекуваат земјотреси со поголема јачина, освен афтершокови кои можат да потраат извесен период, дополнувајќи дека сепак земјотресите се уште не можат да се предвидат. Како причина за земјотресите во охридскиот регион ги посочија тектонските движења на земјените плочи долги околу 20 километри во раседот помеѓу Охрид и Ресен, укажувајќи дека нормално е по земјотрес со магнитуда како вчерашниот да има серија помали потреси кои не можат да предизвикаат посериозни штети и да ги загрозат живототите на луѓето.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека ја разбира вознемираноста на охриѓани и упати апел за смиреност, посочувајќи дека институциите ги преземаат сите мерки за справување со последиците од земјотресот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје, ќе постави дополнителни мерни инструменти во епицентарот на земјотресите во охридскиот регион кај селото Косел со цел попрецизно да ги следи процесите и интензитетот на потресите, а екипи на ИЗИС ќе ги проверуваат оштетувањата на објектите.
Во видеото подолу може да ги проследите мислењата и пораките на претставниците на локалната самоуправа, Институтот за земјотресно инжинерство и на Сеизмолошката опсерваторија при Природно математичкиот факултет во Скопје. За време на нивната прес конференција се случи уште еден земјотрес, кој беше протолкуван како нормална појава по силниот потрес од вчера. Тој момент може да го видите на 8.23 мин.
Институциите смируваат
Г.М.














